Скопје 2020 (ж.) со Ивана Драгшиќ

Скопје 2020 (ж.) е градска пешачка тура која раскажува друга приказна за настанувањето, просторното планирање, политиките и животот на/во градот Скопје. Наратив оптеретен од неразумноста и штетноста на хетеропатријархатот, но и во директен судир со него. Се среќаваме на пресекот помеѓу познатите географски локации со формалната историја, современите политички искуства и женски приказни и се одучуваме дека градот, општеството и културата ги градат машки политички квази-воени фигури и други авторитети. Нив ги градат вештини, знаење и политики создадени токму на маргините и под (не)видлив мачо притисок.

Настанот ќе се одржи на 20 август, четврток со почеток во 18:00 часот.

Овде може да се пријавите за учество на турата. Бројот на учесници е ограничен.

Турата ќе ја води Ивана Драгшиќ, верна другарка на Прво па женско, социолог и граѓанска работничка, која делува во областа на урбаното заедничко (commons) и градското управување. Со колегите од Плоштад Слобода работат на медиумски проекти, истражувања и развој на политики и пишуваат за градското планирање и јавниот простор, урбаното зеленило, учеството на граѓаните, управувањето со ресурси, како и на други теми вткаени во политиките како што се: феминизам, екологија, култура и институции. Драгшиќ е уметница - аматер и изведувачка и пушта музика на радио и во клубови како ДиЏејка.