Енисе Демирова – за подобра состојба на Ромките во Македонија

Интервју на Јована Петровиќ и Јовица Радосављевиќ, превод на Душица Лазова

 

Една од добитничките на WoW наградите за „страшни“ жени во Македонија е Енисе Демирова, првата Ромка која стана членка на управниот одбор на Фондацијата Отворено општество - Македонија, советничка во Општина Штип и активистка за правата на Ромите. Иако има завршено само основно образование, Енисе со својот жар, храброст и истрајност веќе долги години се бори против дискриминацијата и укажува на потребата од рамноправност, видливост и интеграција на Ромките во локалната заедница. Енисе работела и како новинарка во Ромското радио Черења, а во 2007 и 2008 добива награда од ОН за најголемо достигнување во областа на новинарството.

Со својата работа и активизам остваривте позитивни промени во вашата заедница, а тоа го докажавте и со освоената WoW награда. Дали очекувавте да бидете една од добитничките? Што значи оваа награда за Вас?

Да бидам искрена, не очекував дека ќе бидам една од добитничките на WoW наградите. Ова за мене значи признавање на мојата долгогодишна работа и поттик да продолжам да се борам за заштита и промовирање на ромските права, а со самото тоа и да остварам позитивни промени во заедницата.

Од вашата биографија дознаваме дека имате завршено основно образование. Можете ли да ни кажете како изгледаше школувањето во тоа време? Дали бевте поддржани од семејството и заедницата? Дали имавте некакви потешкотии?

Потекнувам од сиромашно семејство, бевме вкупно деветмина. Единствено татко ми беше вработен, работеше во едно претпријатие во Штип. Немавме доволно пари, но и покрај тоа родителите ни овозможија мене и на сестра ми да завршиме основно училиште. Мајка ми беше неписмена, а татко ми немаше многу време за нас бидејќи мораше да работи за да нè прехрани.

Во текот на школувањето имав потешкотии, особено затоа што не го разбирав добро македонскиот јазик. Сепак, се трудев да го научам јазикот и да ги изработам задачите кои ги добивав на училиште. Сакав да станам писателка, а тој сон го остварив во 2004 година кога ја објавив мојата прва книга Romano Dzivdipe (Ромскиот живот).

Кога се појави кај Вас желбата да почнете активно да се занимавате со проблемите на Ромките и Ромите? Што Ве наведе на тоа?

Израснав во семејство во кое никогаш не се разговараше за политички теми. Никогаш не ја спомнуваа дискриминацијата, сиромаштијата, изолацијата. Им беше страв отворено да проговорат за своите проблеми и потреби. Како Роми, сметаа дека едноставно мораат да се помират со тие животни услови – немањето работа, образование, можности. Кога ги забележав тие разлики, се запрашав зошто ние Ромите мораме да живееме во периферијата на градот, без основни услови за живот, без вода и канализација, да имаме неасфалтирани улици и да живееме во куќички од картон или земја покриена со најлон, додека нашите сограѓани од македонската етничка заедница живеат во средени куќи, имаат работа, работат во државна администрација или некоја друга професија, за разлика од Ромите кои главно работат како чистачи или собираат отпад.

Како што одминуваше времето, така се зголемуваа разликите. Ромките беа особено изолирани од целата заедница. Нивна единствена задача е да се грижат за децата и домаќинството. Семејното насилство сè уште се смета за нормална појава. Она што ме наведе да почнам да се занимавам со проблемите на Ромите и Ромките е токму желбата да го променам квалитетот на живот во ромските заедници, Ромите да се чувствуваат како нормални луѓе, да можат да се борат и отворено да проговорат за своите проблеми и да научат дека имаат исти права како и останатите националности кои живеат во Македонија.

фото: Драгица Николовска

 

Каква е положбата на жените Ромки во Македонија? Дали се изложени на дискриминација и како се борите против неа?

Ромките се изложени на ризикот да бидат исклучени заради нивната етничка припадност. Често се соочуваат со дискриминација на повеќе нивоа, како заради етничкото потекло, така и заради родот и социо-економскиот статус. Многу жени Ромки сè уште не знаат кои се нивните права и како да се борат за нив. Некои од начините преку кои се бориме против дискриминацијата се отворена дискусија на оваа тема, едукација на жените, соработка со институции и медиуми, кампањи против дискриминација и слично. Само така можеме да придонесеме кон сузбивање на дискриминацијата на Ромите, а особено на Ромките.

Благодарание на вашите напори, во 2004 година, 60 Ромки посетуваа обука за описменување и се здобија со сертификат за завршено основно образование, а научија и кои се нивните основни човекови права. Дали можете да ни кажете нешто повеќе за тој проект и резултатите од истиот?

Работевме на истражување со кое сакавме да го утврдиме степенот на писменост на Ромките во Штип и дојдовме до поразувачки резултати: од 300 испитанички, 77% беа неписмени или немаа завршено основно образование. Тогаш сфативме дека мора да поработиме на образованието на тие жени. Смисливме проект од областа на човековите права и едукација, за кој добивме финансиска помош од Фондацијата Отворено општество. Пред нас стоеше голем предизвик: не знаевме дали жените ќе сакаат да учествуваат на обуката за описменување, како да ги поттикнеме да излезат од дома и дали ќе ги пуштат нивните сопрузи. За среќа, Ромките и нивните сопрузи имаа потполна доверба во мене, па одлучија да ја следат обуката. По завршувањето на обуката, мораа да полагаат испит, за дури потоа да добијат потврда за завршено основно образование. Учествуваа вкупно 60 жени, кои се стекнаа со право на здравствено осигурување и право на вработување.

Во споредба со тогаш, денес образовниот статус на Ромките е сепак малку подобар. Голем број Ромки имаат завршено различни факултети. Во Штип, на пример, имаме Ромка докторка за општа медицина, нешто на кое особено се гордееме.

Можете ли да ни кажете колкава е застапеноста на Ромките во државните институции?

За жал многу мала. Кај нас во Штип, во институциите работат сè на сè 3 Ромки: една во Центарот за социјална работа, една во Министерство за внатрешни работи и уште една во еден од управните органи на власта. Кај нас, Ромките најчесто работат по продавниците или чистат по куќите, а голем дел од нив се собирачи на секундарни суровини.

Членка сте во Советот на општина Штип. Во која мера придонесувате, која е вашата задача и колку сте задоволни од работата на градските институции?

Да, јас бев единствената Ромка во составот на Советот откако Северна Македонија стана независна. Морам да признаам дека за време на мојот мандат успеав да истуркам неколку иницијативи кои беа прифатени од сите колеги и колешки во Советот. Ги реконструиравме и асфалтиравме главните улици на кои живеат Ромите, поставивме канализација, мал плоштад на кој можат да се собираат Ромите, ги сменивме имињата на дел од улиците на кои живеат Ромите во Штип, на пр. една улица сега го носи името ,,Черења” (тоа е името на мојата организација и радиото кое го основав и во кое работев како новинарка и главна уредничка), друга го носи името ,,8ми Април” (Меѓународниот ден на Ромите). Сепак, овластувањата на градскиот совет се ограничени и не би било возможно по тој пат да се решат сите проблеми со кои се соочува ромската популација.

фото: Драгица Николовска

 

Можете ли да ни кажете нешто повеќе за Радио Черења? Какви теми покривавте, како се финансиравте?

Од 1995 до 2010 бев раководителка на радиото. Покривавме буквално секакви теми – културни, политички, општествени, здравствени, животни, забавна и информативна програма, едукативни теми, контактни емисии... Но, како ромски медиум немавме поддршка од државата, ниту реклами од кои би можеле да се финансираме. Благодарение на одредени странски донатори, успеавме да се одржиме во живот, но откако завршија донациите, заврши и нашата работа. Многу ми е жал што Радио Черења е исклучено, затоа што беше еден од најдобрите ромски медиуми во југоисточна Европа.

Што би ни порачале на нас од Ромскиот ресурсен центар во Хрватска, кои се залагаме за ромските права, но и на Ромките и Ромите воопшто?

Да не престанете да се борите, да ги охрабрувате и учите Ромките како да се борат за своите права во приватната и јавната сфера.

 

 

Доделувањето на наградите за Страшни жени на годината - Fierce Women WoW Awards е дел од активностите на проектот Women on Women кој заеднички во спроведуваат Mesto žensk во Словенија, Prostor rodne i medijske kulture K-zona во Хрватска, Тиииит! Инк. во Северна Македонија и Outlandish Theatre Platform во Ирска. Активностите ги ко-финансира Европската комисија во рамки на програмата Креативна Европа.