ПРКОС е цвет, но и позитивен инает - интервју со Ирена Поповска

Интервју на Антонела Марушиќ, превод Душица Лазова

 

Ирена Поповска, новинарка и основачка на Центарот за поддршка на лицата со попреченост – ПРКОС, е една од петте жени добитнички на WoW наградата. Поповска е избрана помеѓу 33 жени од Северна Македонија кои придонеле кон борбата за родова рамноправност и социјална правда.

 

Кога и како настана Центарот за поддршка на лицата со попреченост ПРКОС и која беше мисијата позади неговото основање?

ПРКОС беше основан во јануари 2018 година. Мојата првична идеја беше да формирам студиска програма за попреченост и околу тоа преговарав со неколку институти. Но, тој проект се покажа како преамбициозен за овдешните (не)прилики, па основањето на овој Центар за мене беше некој вид компромис. Особено затоа што терминот ,,попреченост” е еден мултидисциплинарен пресек кој нуди безброј почетни точки за дејствување.

Со оглед на тоа што и самата ја поминувам втората половина од мојот живот како лице со попреченост (последица на тешката невромускулна болест АСЛ), со текот на времето оваа комплексна и осетлива проблематика стана мој начин на постоење, лично прибежиште и колективно тежиште. Имав стекнато доволно емпириско и теориско искуство за попреченоста (магистрирав на Стафордшир во таа област), а со тоа се здобив и со должноста и одговорноста сопственото искуство и знаење да го споделам и ставам во функција на општото добро. Правењето мали добрини за луѓе со големи потешкотии наметнати од нивната попреченост стана моја мисија. Пробивање на нови, хумани патеки кои ќе поврзуваат слични и различни пријатели, студенти, колеги, соседи, партнери. Ширење на културата на различностите со што општеството ќе стане поубаво место за живеење. Не гаам илузии дека ПРКОС ќе успее да направи чуда за оваа популација, но верувам дека ќе ја промени општата перцепција за неа и со тоа ќе го олесни процесот на нејзината еманципација.

Можете ли да ни го претставите тимот на Центарот, но и на порталот ПРКОС, луѓе кои со години вредно работат со вас во борбата за правата на лицата со попреченост во Северна Македонија?

Откако минатата година неочекувано го загубивме нашиот драг Александар Галовски, тимот е речиси 100% женски. Тука се моите долгогодишни пријателки Наташа Данилоска, Даниела Бавчанџи и Катерина Поповска. На порталот кој е во фаза на изработка работиме јас и Андријана Мојсовска. Со логистика, администрација и правни прашања се занимава мојата мајка, како и брат ми Андреј и сестра ми Маргарита. Сите тие имаат своја професија и нивниот ангажман е волонтерски.

Зошто го одбравте ова име? Што се крие позади акронимот?

Затоа што луѓето кои ме познаваат за мене велат дека сум пркосна личност и веројатно имаат право. Всушност, мислам дека секој од нас некаде длабоко (или плитко?) во себе го култивира својот личен пркос со кој преживува и станува она што е. Пркос значи да се спротивставиме на суровите неправди, предрасудите и табуата во секоја смисла на зборот; да се бориме суштински, аргументирано и разумно за нашите основни човекови права и за нашиот статус. Пркосот е, исто така, цвет – шарен, нежен, отпорен, долговечен и убав, но пркосот е и гордост, оној позитивен инает кој се спротивставува на стереотипите и упорно продолжува напред, кон целта. Сето ова лаконски го срочив во пет, за нашиот контекст клучни глаголи, па пркосот стана наш акроним:

П – Почни

Р – Реши

К – Кажи

О – Откриј

С - Смени

Како би ги оцениле правата на лицата со попреченост во Северна Македонија во последните десет години, а какви се истите во последно време?

Порано постоеше некакво скудно законско решение, па единствено оние кои знаеја како да се информираат можеа да ги остварат своите права. Во последно време се забележуваат мали промени, односно постои можност за личен или образовен асистент, право на мобилност (месечен надоместок за неможност за движење), се слуша (во медиумите) гласот на граѓанските организации и со самото тоа има зголемен интерес за животот на лицата со попреченост кај пошироката јавност. Претставниците на здружението и нивните штитеници се поприсутни во општествениот живот и на телевизија, се организираат поголем број настани, децата со посебни потреби се вклучени во редовната настава... Но, сето ова е само почеток на вистинската еманципација.

Кои се вашите штитеници и штитенички, т.е. колку ги има? Кој е вашиот најголем предизвик кога се работи за нив?

Немаме конкретни имиња, туку се обраќаме кон поширока публика. Ние, всушност, сакаме да ги приближиме постоечките „два“ света и нашето мотото гласи: Ги поврзуваме сличните и различните. Како го правиме тоа? Еве еден пример: минатата година го подготвивме и објавивме првиот прирачник во Северна Македонија и во регионот со практични совети за тоа како да се однесуваат „обичните“ луѓе кон лицата со попреченост, со соодветни илустрации за бон-тон во различни секојдневни ситуации, изработени про боно од нашите уметници (15 на број). Не велам дека измисливме топла вода, но добро ги ,,спакувавме” за читање и размислување етикетите кои се користат во целиот цивилизиран свет и со тоа охрабривме многумина да започнат да комуницираат со оваа ранлива популација - и обратно.

Честопати, луѓето се подготвени да помогнат и да се дружат, но не секој знае како. Сè што е различно од нормата предизвикува разбирлив страв и срам. Некој треба да ги научи и да им посочи дека и ние, лицата со попреченост, сме социјални, интелигентни и емотивни суштества со сопствени потреби. Јасно ми е дека помеѓу сличните и различните постојат невидливи, дебели и високи ѕидови кои треба да се срушат, а токму тука лежи најголемиот предизвик за ПРКОС: изнаоѓање на вистински начини за поврзување. Градење на интерактивни мостови кои ќе го подобрат, олеснат и разубават животот за целото општество.

Какви измени донесе неоднамнешната промена на власта во државата? Колкаво влијание врз работата на ПРКОС има фактот што Северна Македонија се наоѓа на политичките и географските маргини на Балканот, заедно со долгогодишната политичка криза која дополнително го влоши угледот на земјата?

Една стара, добра мудрост вели: „Секоја нова влада е полоша од претходната“. Очекувањата и неисполнетите ветувања на СДСМ разочараа многу граѓани. Кога Македонија стана Северна пред две години, стана јасно дека патот кон ЕУ ќе биде долг и мачен. Оваа земја и во вакви тешки времиња сè уште се занимава со етнички прашања и корупција. Имавме предвремени парламентарни избори ова лето и сега ни претстои нова пост-изборна комбинаторика околу поделбата на власта. Вие изјавивте дека сме на маргините на Балканот. Со тоа, сè е јасно кажано. Сепак, искра надеж и светлина на гласачите им дава младата радикална левичарска партија Левица, која за првпат влезе во парламентот со двајца пратеници.

Какво изгледаше вашиот професионален пат и што ве поттикна да се занимавате со правата на лицата со попреченост?

Болеста која ја предизвика мојата попреченост ме затекна на крајот на студиите и почетокот на новинарската кариера. Имав 24 години и целата ситуација беше шокантна и трауматична. Значеше или крај – или повик да се реструктурирам себеси и мојата непосредна околина со комплетно нови правила на „игра“. Откако заедно со моите родители констатиравме дека опцијата да се предадам не доаѓа предвид, ја започнавме тешката борба која трае до ден-денес.

Низ годините работев за најдобрите македонски списанија како фриленсер, од дома. Напишав бројни теоретски – афирмативни и критички текстови од областа на ликовната уметност во кои уживаа читателите. Паралелно, дипломирав филозофија на Биркбек Колеџ во Лондон и магистрирав социјална и културна теорија. Списанието за кое тогаш пишував пропадна, состојбата во државата беше очајна, но мојот интерес да направам нешто корисно, користејќи мултидисциплинарен пристап кон попреченоста растеше, затоа што истовремено се работи за огромно научно-истражувачко поле, но и широко поле за граѓански активизам. Во текот на тие пролетни месеци во 2016 година, во мојата глава се роди ПРКОС.

Кога ви било најтешко во ПРКОС, а кога сте биле најсреќна и најзадоволна?

Најтешко ми паднаа последниве неколку месеци со КОВИД-19 кои и те како влијаеја на работата на ПРКОС. Многу започнати проекти се оставени на чекање. Ме радува секоја објава, иницијатива и акција, од идеја до реализација, затоа што просто уживам во процесот на создавање. Самиот факт што ПРКОС се занимава со хумани дела кои некому му се толку важни за да го пронајде своето место во општеството, за мене претставува огромно задоволство.

 

Доделувањето на наградите за Страшни жени на годината - Fierce Women WoW Awards е дел од активностите на проектот Women on Women кој заеднички во спроведуваат Mesto žensk во Словенија, Prostor rodne i medijske kulture K-zona во Хрватска, Тиииит! Инк. во Северна Македонија и Outlandish Theatre Platform во Ирска. Активностите ги ко-финансира Европската комисија во рамки на програмата Креативна Европа.