Во свет во кој доминираат индивидуализмот, профитот и несигурноста, потребата за заедништво и алтернативни модели на здружено делување станува сè поактуелна. Публикацијата „Ткаење солидарност − од раце до срце: осмислување на заедништвото преку женското кооперативно здружување“ претставува прв чекор кон мапирање на потенцијалите на женските задруги и кооперативи како одговор на родово базираното насилство, економската зависност и социјалната исклученост.

Истражувањето го анализира концептот на кооперативното здружување низ правна, економска и социо-културна призма, со фокус на земјоделските, работничките и домувачките кооперативи – типологии кои имаат силен потенцијал за јакнење на жените и креирање солидарни заедници. Преку анализа на постоечките законски рамки, теренски истражувања и примери од регионот и Европа, оваа публикација нуди основа за натамошна дискусија и застапување за развој на женски кооперативи во Северна Македонија.
Промоцијата на публикацијата се одржа во рамки на тринаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО, преку дискусија насловена „Ткаење солидарност – од раце до срце“, на која учествуваа експертки, активистки, земјоделки и практичарки од областа. Заеднички го испитавме потенцијалот на женските здружени иницијативи и ја замисливме иднината во која колективното делување не е само отпор, туку и алатка за заздравување, градење и ослободување.
Ова издание е обид да се расплеткаат митовите, да се артикулираат предизвиците и да се исткаат можните патишта кон заедничко, праведно и достоинствено живеење – од раце до срце.