Тиииит! Инк. продолжуваат да го надоместуваат недостатокот од формално образование од областа на современите изведувачки практики и во рамки на петиот циклус на Платформата за изведувачки уметности ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИНДИНИ го организираат третото издание на Школата за феминистичко драматуршко размислување.
Водени од позитивните минатогодишни искуства, и годинава програмата во формат на летна школа ќе се реализира од 30 јуни до 7 јули во комплексот на манастирот Св. Јоаким Осоговски, сместен во прегратките на прекрасните Осоговските Планини.
Школата на локалните уметници активни на независната културна сцена, ќе им овозможи теориско и практично знаење за развојот на авторски и/или соработнички уметнички дела низ феминистички драматуршки пристапи, кои не само директно референцираат феминистички теми и преокупации, туку неизбежно ги редефинираат уметничките процеси, втемелувајќи ги во феминистичките вредности какви што се рамноправноста, грижата, солидарноста и заедништвото.
Интерактивната програма за учење/одучување годинава, вклучува серија работилници со три меѓународно препознаени уметници кои работат во полето на современиот театар и перформанс: Теа Хвала – авторка, уредничка, преведувачка и истражувачка (Словенија), Биљана Радиноска – театарска режисерка (Македонија/Холандија) и Стелан Велоче – мултинструменталист и композитор (Сардинија/Германија).






Групата кои ќе ја следи програмата на Школата ја сочинуваат компаративистката Ангела Бошковска, културната работничка, авторка и сценаристка Марија Бошковска, изведувачкот и дрег крал Лаки Крстески, филмските автори Батухан Ибрахим, Максим Никифоровски и Леонид Велковски, едукаторката, лингвистка и организаторка Марија Арсенкова, писателката и уредничка Калиа Димитрова и театарскиот режисер Борис Василески.
Нововоспоставените релации и соработки што меѓусебно ги иницираат учесничк(ц)ите на досегашните изданија на Школата за феминистичко драматуршко размислување, ни потврдуваат дека искуствата во оваа програма, несомнено им ги прошируваат професионалните перспективи и им се поттик во нивната уметничка работа со која продолжуваат да придонесуваат кон развојот на независната културна сцена, унапредувајќи ја нејзината уметничка и општествена релевантност.
Кураторка на програмата на Школата: Кристина Леловац
Координаторка на продукција: Тамара Ристоска
Асистент на продукција: Дениз Ајдаревиќ
Волонтерки: Анастасија Митровска и Вера Тошева.

Програмата на Школата се реализира со поддршка на Шведска, Kvinna till Kvinna и проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.