📅 20 ноември 2026
📍 Студио Приватен принт, Скопје (Локација: ЛИНК, на првиот кат, влез од кај Аптеката Еурофарм)
18:00 | Разговор со уметникот: Ѓорѓи Десподов во разговор со Валентина Боници: https://forms.gle/1VQXdX8TUbiXbkt67
19:00 | Слободна посета на изложбата
Изложбата ќе биде отворена за посетители до 11 декември, само со претходна најава.

„Светло минато е пред нас“ е групна изложба курирана од Илија Прокопиев и Марија Христова (PrivatePrint), осмислена како дисперзирана програма од пет помали самостојни изложби што се реализираат во текот на годината.
„Институт за пост-Лабубу студии: водич за употреба за блиската иднина“ е замислена истражувачка институција основана од Ѓорѓи Десподов, посветена на континуирано истражување на блиската иднина преку шпекулативна археологија и фиктивни артефакти. Изложбата обединува три дела – „Live, Laugh, Labubu“, „This Is Where I Post From“ и „Rehearsal for a Body“ – претставени како археолошки откритија што ја интерпретираат современата интернет-култура од перспективата на идните истражувачи. Преку фиктивни архиви, археолошки заблуди и спротивставени толкувања, Десподов истражува како допадливоста, потрошувачките ритуали и дигиталните идентитети стануваат предмети на историска шпекулација.
Ѓорѓи Десподов (р. 1996, Северна Македонија) е мултидисциплинарен уметник кој живее и работи во Хаг, Холандија. Магистрирал на студиската програма за нелинеарен наратив на Кралската академија за уметности во Хаг. Неговата уметничка практика ги комбинира истражувачките методи со игриво раскажување приказни, занимавајќи се со интернет-културата и границите меѓу физичките и дигиталните средини. Своите проекти ги нарекува „провокотипови“ (provocotypes) – прототипови чија цел не е да понудат разрешница, туку да предизвикаат реакција, прифаќајќи ги недовршеноста и несогласувањето како методи на критика.
Изданието на „Светло минато е пред нас“ во 2026, е кофинансирано од Министерството за култура и туризам на Северна Македонија и Амбасадата на Шпанија во Скопје.
Програмата на уметнички разговори е курирана од Јана Старделова и организирана во соработка со Tиииит! Инк., а поддржана од Kvinna till Kvinna и Амбасадата на Шведска во Скопје.