На 24 ноември 2026 година, со почеток во 19:00 часот, на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во рамки на фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО #14, ќе се одржи онлајн предавање на Софи Луис, насловено „Укинување на семејството како комунизација на грижата“, проследено со разговор и прашања од публиката (Q&A).
Софи Луис е феминистичка теоретичарка, писателка и авторка на книгите Full Surrogacy Now: Feminism Against Family и Abolish the Family: A Manifesto for Care and Liberation. Во својата работа ги преиспитува традиционалните претстави за семејството, мајчинството и репродуктивниот труд, истражувајќи ги можностите за поинаква организација на грижата и заедничкиот живот.
Во предавањето, Луис го отвора прашањето за укинувањето на семејството не како отфрлање на блискоста, љубовта и грижата, туку како повик за нивно ослободување од ограничувањата на традиционалните семејни структури. Преку феминистичка и антикапиталистичка перспектива, таа размислува за можностите грижата да стане заедничка одговорност, наместо приватна обврска што најчесто паѓа врз жените.
Предавањето е дел од програмата на ПРВО ПА ЖЕНСКО #14, која годинава се одржува под темата „Мајчинствување“ и отвора прашања за мајчинството, грижата, репродукцијата и нивната општествена и политичка димензија.
Предавањето ќе се одвива на англиски јазик. Влезот е слободен.
#ППЖ14 е поддржан во рамките на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Heartefact Fund.
Фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО #14 е финансиран од Шведска, Kvinna till Kvinna, Equality Fund и Global Fund for Women.
Содржината и изразените мислења се единствена одговорност на Тиииит! Инк. и не ги одразуваат нужно ставовите на донаторите.