Борбата против хомофобијата и трансфобијата е борба за човекови права. Борбата против хомофобијата и трансфобијата станува приоритет на најзначајните меѓународни организации за промоција и заштита на човековите права (Обединетите нации, Советот на Европа, Европската Унија…). Сé поголем број на влади имплементираат политики и програми за борба против хомофобија и трансфобија
Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата за секоја негативност (изразена во мисли, верувања, чувства, емоции, ставови, активности…) – во врска со нечија (не-хетеро)сексуална ориентација, го користи терминот хомофобија, а во врска со нечиј родов идентитет (и/или изразување) – терминот трансфобија.
Хомофобија е ирационален или општествено конституиран страв, омраза, предрасуда и дискриминација кон луѓето со хомосексуална и со бисексуална ориентација и кон сите оние за кои воопшто се претпоставува дека се гејови, лезбејки или бисексуалци.
Трансфобија е ирационален или општествено конституиран страв, омраза, предрасуда и дискриминација кон трансродовите луѓе. Трансфобијата е став што произлегува од стереотипното и културно нормативното сфаќање дека родот е природна и универзална категорија и дека секое излегување од рамката машко-женско претствува болест и опасност
Целите на НМХТ се координирање на активностите на национално ниво за борба против хомофобија и трансфобија во сите сфери: политички живот, медиуми, образование, здравство, труд, социјална политика, спорт…
– изградба на национална база на податоци за хомофобични и трансфобични инциденти, за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет и кривични дела од омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет
– подигнување на свеста на јавноста и државната администрација за потребата за борба против хомофобијата и трансфобијата како дел од борбата за еднаквост и човекови права за сите
– мониторинг и документирање на хомофобични и трансфобични акти и настани и нивна осуда во јавноста
– подготвување на легислатива
а) за борба против хомофобичен и трансфобичен говор на омраза (говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет)
б) за хомофобични и трансфобични кривични дела од омраза (кривични дела од омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет)
в) за борба против хомофобичното и трансфобично малтретирање во образованието.
Членки на мрежата се: Коалиција Маргини, ХОПС – Опции за здрав живот, ЛезФем, Независна иницијатива „Бори се женски“, СТАР-СТАР- Здружение за заштита и унапредување на правата на сексуалните работници, „Заедно посилни“ – Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ во Македонија, Здружение за критички пристап кон родот и сексуалноста- Субверзивен Фронт, Хелсиншки Комитет за човекови права на Република Македонија, ЛГБТИ Центар за поддршка, Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, ФРИК- Формација за развој на иницијативи во културата, Еднаквост за геј и лезбејки- ЕГАЛ, МОФ- Малдински Образовен Форум, ЗГ за промоција на женската активност Тиииит! Инк., Акција Здруженска, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените ЕСЕ и Queer Square
Структура на НМХТ
Генералното собрание кои ги вклучува сите поддржувачи (организации и индивидуи),
Комитетот-Извршно тело на НМХТ
Координативното тело-работно тело на НМХТ,
Генерален Секретаријат-техничка поддршка на НМХТ,
Работни групи-експертски тела на НМХТ кои се формираат по потреба за работа на одреден проблем поврзан со унапредување на правата на ЛГБТИ лицата или слични теми,
Поддржувачи-Организациите и индивидуалците кои не се во можност да се вклучат во Комитетот и/или Координативното тело а имаат можности и интереси да се вклучат ад хок во работните групи.
Членство
Во Мрежата можат да членуваат граѓани на Република Македонија и Странски државјани без оглед на: нивниот пол, родов идентитет, возраст, етничката припадност, нивната раса, сексуалната ориентација, брачен статус, политички, религиозни и други уверувања или здравствена состојба.
Член на Мрежата може да биде секој, кој, доброволно ќе пристапи со доставување на писмена изјава – пристапница до Комитетот или до Генералниот Секретаријат на НМХТ
НМХТ ќе применува проактивен, афирмативен, но и критички пристап во работата што подразбира отворање дијалог и започнување соработка со сите релевантни чинители во справувањето со хомофобијата и трансфобијата, посебно на вклучување на ЛГБТИ заедницата во креирањето на политиките и стратегиите на дејствување.
Ги охрабруваме сите граѓански организации и индивидуи кои јавно се залагаат за почитување на еднакви човекови права за сите, да не контактираат и да се вклучат во НМХТ.
„Борбата против хомофобијата е клучен дел од поголемата битка за човековите права на сите.“ (Бан Ки-мун)
The fight against homophobia is a core part of the broader battle for human rights for all. (Ban Ki-moon)