Промоција на книга
15 Horror Stories by Women Workers на Кристина Божурска, во издание на PrivatePrint
15 Horror Stories by Women Workers е уметничко-документарен проект на Кристина Божурска, во издание на PrivatePrint. Книгата е составена од 15 сведоштва на работнички придружени со цртежи изработени од авторката. Пристапот на Божурска во ова дело е новинарски, со собирање на автентични изјави на работничките. И дизајнерски и по содржина, ова издание носи естетика на симболичен памфлет кој ги шири гласовите на овие жени и со тоа развива можност уметничкиот ангажман да добие нова, промислена форма и реално да придонесе за решавање на проблемот којшто го третира. Оваа книга, е првенствено замислена и реализирана како проект за собирање средства за поддршка на обесправените работнички во Северна Македонија. Со секој купен примерок се придонесува и кон работата на здружението „Гласен текстилец“ од Штип, чиишто активности се насочени кон подобрување на условите на работничките во текстилната, кожарската и чевларската индустрија. За книгата, целиот проект, како и за сведоштвата и проблемите што тие ги отвораат, ќе разговараат авторката Кристина Божурска, Кристина Ампева – претседателка на „Гласен текстилец“ и основачите на PrivatePrint и уредници на изданието – Илија Прокопиев и Марија Христова.


