„И ние го сакаме сонцето и белиот свет!“ | 20 години именување на мост “Роса Плавева и Накие Бајрам”

Женско културно наследство
YxzubPp4j2ocC6eEXHuq

Пишува Јана Коцевска

 

Во 2004 година, во Скопје се најавува отворање на новоизграден мост на реката Вардар. Адресирајќи го прашањето за отсуството на жените од историјата, државните архиви и пред сѐ јавниот простор, уметницата Христина Иваноска поднесува иницијатива до отворениот повик на Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови и останати инфраструктурни објекти за доставување предлог од страна на граѓаните за именување на овие јавни урбани места. Оваа уметница го доставува својот предлог за комисијата за именување на новоизградениот мост според две жени – Роса Плавева и Накие Бајрам, кои заедно дејствувале за унапредување на женските права во почетокот на ХХ век во Скопје.

Мостот е изграден во 2005 година, и ги поврзува двата брега на реката Вардар, јужната страна каде се наоѓа зградата на поштата и главната железничка станица место каде граничат двете општини О. Центар и О. Аеродорм, додека на северниот брег се наоѓа една бензинска пумпа и последната раскрсница на булеварот „Гоце Делчев“. На оваа раскрсница граничат исто така две општини, О. Центар и О. Газибаба. Локацијата на патниот мост „Цар Самоил“ над река Вардар, на улица Беласица е во централното подрачје на градот Скопје.

Уметницата Христина Иваноска во својата истражувачка работа има за цел да го адресира проблемот за отсуството на жените од архивите, отсутноста на културната меморија поврзана со нив, нивното ретко присуство во урбаните топоними и најважно отсуството на женското културно-историско наследство, но и не само тоа. Таа преку нејзината иницијатива за именување на новоизграден мост во градот по имињата на двете соборки за унапредување на работничките и женските права – Роса Плавева и Накие Бајрам, го адресира и прашањето за надминување на етно-националните тензии во тоа време во земјата во почетокот на ХХI век, со пример на заедништво и заедничко дејствување на две жени од почетокот на ХХ век, кои имаат различно етничко потекло, но ја надминуваат оваа „разлика“ во исполнувањето на благородната цел за еманципација на жените и унапредување на работничките права. 

Оваа иницијатива на Иваноска е своевиден анти-воен гест кој би симболизирал поврзување, на не одвојување на граѓаните кои живеат на северниот и јужниот брег на реката Вардар, често симбол за поделба на градот на стар и нов, христијани и муслимани, христијански населби и муслимански населби. Оваа поделба на двата брега – кои јавноста најчесто ги потврдува како два различни етнички дела од градот, почна да се зацврстува по воениот конфликт во Македонија во 2001 година. Иваноска преку иницијативата за именување на овој мост по Роса Плавева и Накие Бајрам, има за цел да му даде значење на овој нов јавен простор кој ќе симболизира поврзување и надминување на различностите, градење заедници по примерот на овие две жени од македонската историја. Оваа иницијатива, освен тоа што е предизвикана од сѐ позабележителната поделба на градот на различни етнички и религиски заедници, исто така го изразува и недостатокот на чувство за еднаква родова застапеност од страна на носителите на одлуки.

Пред оваа иницијатива, многу ретко се знаело за дејствувањата на овие две жени – Роса Плавева и Накие Бајрам, а уште помалку се знаело за нивниот изглед, бидејќи пред Иваноска да го направи архивското истражување, тие фотографии биле дел од купиштата наталожени со прав архивски материјали во Архивот на Македонија. Иако денес овој мост официјално е именуван како мост Цар Самуил – податок кој не е воопшто познат за јавноста, тој сѐ уште е познат како мостот кај транспортен центар и ретко кој го знае ова официјално дадено име.  

Предлогот на Иваноска, доставен е во април 2005 година до Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти која функционира(ше) во рамки на Град Скопје, требаше да го сврти вниманието на градските власти на тоа дека мостовите на овој град се нишката помеѓу двата брега. Именувањето на овој мост со имињата на овие сограѓанки, требаше да ја поттикне повторната комуникација на овие два дела на градот, не само физички туку и симболички. За жал, предлогот на Иваноска најверојатно ќе остане заборавен во архивот на градот. Од нејзините официјални и неофицијални средби со претставници на државните структури, таа дознава дека нејзиното барање е “премногу деликатно и може да предизвика вознемиреност помеѓу политичките партии”. Втората причина зошто нејзиниот предлог не би бил прифатлив е што ” ваков капитален објект не би можело да биде именуван со имиња на жени”. После 20тина години од објавениот повик на Град Скопје во 2004 година, конечно се именува мост по овие две жени, но не станува збор за истиот оној за којшто најпрво беше објавен конкурсот, туку сосема друг. Станува збор за Мост Близнаци што ги поврзува населбите Ново Лисиче и Автокоманда. 

Во воведниот текст за премиерното претставување на ова дело изложено како три-канална видео проекција во Фондацијата за уметност на жените во Лондон (јуни 2006), кураторката на проектот и теоретичарка Сузана Милевска напиша: „Проектот претставува редок пример на лична иницијатива кој се осврнува на прашањата за превезот со чувство не оптеретено со конфликтите од минатото; обид да изгради мост меѓу различните гледања кон превезот во конфликни интелектуални и културни средини“. 

Кои се Роса Плавева и Накие Бајрам? Овој запис не би бил целосен доколку не напишеме повеќе детали за животот на овие две жени Роса и Накие, кои тогаш биле нарекувани скопските Роза Луксембург и Клара Цеткин. “Јунак Роса” или по турски „Дели Роса”, живеела 92 години. Таа е родена е во Велес со моминското презиме Варналиева, а последните години од животот го поминува во Белград, каде и почива. За неа велат дека била запамтена како „енергична сува старица која во својот говор била луцидна, духовита и брза…секогаш облечена во бела машка кошула, црвена вратоврска и машки панталони.“ Таа била учесничка во Илинденското востание во 1903 година, и носителка е на Илинденска споменица. 

    

Според изворите на Христина Иваноска, во нејзиниот разговор со внукот на Накие Бајрам, Газанфер, се дознава „дека таа потекнува од едуцирано семејство каде што женската страна се истакнува со решителност и храброст….строга но правична, таа се обидувала да не ги повреди сите морални кодекси на однесување, оние запишани во Куранот и оние наметнати од средината.“ Накие Бајрам е вклучена во процесот на „откривањето“ на жените од 1947 година. Била вклучена и во аналфабетските курсеви за описменување на муслиманската жена.

***

Извори: 

Вест. 2006. Ревија: „Роса и Накие, скопските Роза Луксембург и Клара Цеткин“. Година: 6, број:1801. 24 јуни 2006 https://web.archive.org/web/20160304105152/http://star.vest.com.mk/default.asp?id=119158&idg=6&idb=1801&rubrika=Revija

Ivanoska, Hristina. 2008. Naming the Bridge Rosa Plaveva and Nakie Bajram. (artistic video)

http://wikimapia.org/13805129/mk/%D0%9C%D0%BE%D1%81%D1%82-%D0%A6%D0%B0%D1%80-%D0%A1%D0%B0%D0%BC%D0%BE%D0%B8%D0%BB 

Interview with Suzana Milevska on her research in Macedonia http://gender-check.erstestiftung.net/macedonia-suzana-milevska/ 

Роса Плавева – википедиа https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%A0%D0%BE%D1%81%D0%B0_%D0%9F%D0%BB%D0%B0%D0%B2%D0%B5%D0%B2%D0%B0 

Накие Бајрам – википедиа https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%9D%D0%B0%D0%BA%D0%B8%D0%B5_%D0%91%D0%B0%D1%98%D1%80%D0%B0%D0%BC 

Данов, Љупчо. 2019. „Роса Плавева и Накие Бајрам, македонските Роза Луксембург и Клара Цеткин“. Дума https://duma.mk/region/veles/26874-2019-02-10-03-19-30 

Архивски материјали, Архив на Македонија (скенирани документи)

tiiiitinc_logo_outline
EN

Ве ивестуваме дека на нашата страница користиме технологии како што се колачиња, за да го подобриме Вашето корисничко искуство. Кликнете подолу за да се согласите со користењето на оваа технологија на нашата страница. За понатамошни детали погледнете ја нашата политика за приватност

Дозволи колачиња

EN

Created with Fabric.js 5.2.4