За просторот
Кино Култура како проект, простор за современи изведувачки уметности и култура беше основан во декември 2015 година од страна на Театар на Навигаторот Цветко и Локомотива- Центар за Нови Иницијативи во уметноста и културата.
Во минатото, зградата каде се наоѓа сегашниот проект/простор КИНО КУЛТУРА бил познат како кино Култура, значаен културен простор, дел од урбаниот живот на градот Скопје.
Зградата е изградена во 1938 година и беше отворена како кино под името „Уранија“, а подоцна преименувана во Култура. Во оваа зграда првата претстава на македонски јазик беше претставена на 20ти Декември 1944година. По завршувањето на Втората Светска војна, кино Култура, имаше важна улога во равојот на урбаната култура на градот.
Денес, зградата е во приватна сопственост, и беше празна и неупотребувана во изминатите 10 години. Сега, одреден дел се изнајмува со цел да се реформира во културен простор од страна на Театарот на Навигаторот Цветко и Локомотива- Центар за Нови Иницијативи во уметноста и културата, со поддршка од Општина Центар.
Исто така, Balkans Arts and Culture Fund – BAC (http://www.balkansartsandculture.fund/about.html) го поддржa регионалниот проект „Дисонантни простори“ преку кој ќе се развива моделот на просторот КИНО КУЛТУРА. Овој проект ќе се реализира во 2016/2017 година и ќе се состои од различни работилници, дискусии, истражувања и конференција на која ќе учествуваат повеќе граѓански организации и професионалци од Македонија, од регионот и пошироко.
Контекст и идеја на Кино Култура
Идејата на КИНО КУЛТУРА е формирање на нова современа организациска структура, урбан простор за современи изведувачки уметности и современа култура кој ќе допринесе во социо-културениот развој на заедницата.
Овој простор е за професионалците во полето на современите (изведувачки) уметности, непосредните граѓани на општината и градот, како и за различните граѓански организации, формални и неформални групи и индивидуалци кои работат во пошироката социо-културната сфера.
Веќе неколку години наназад претставниците на Театар на Навигаторот Цветко и Локомотива мапираа различни простори во Скопје, кои можат да се реформираат во простор за современи изведувачки уметности и култура, бидејќи оваков простор претставуваше една од главните потреби на заедницата, а и не постоеше.
Потребата од простор каде што ќе се развива урбан, современ израз, простор каде ќе се твори, но и рефлектира преку уметноста и културата за клучни општествени теми, односно, каде новиот и современ уметнички глас ќе стане видлив, беше приоритет за професионалната заедница, но и за публиката.
Со овој проект сакаме да се спротиставиме на анахронизмот во управувањето и да промислиме како може да се ко- управува со институциите, просторите, програмите, преку вклучување на нови тактики и стратегии, кои ќе ги ревидираат можностите за поврзување на уметничкиот израз со општествените проблеми, како и подобрување на дебатите за нив.
Партиципацијата и користењето (usership) како принципи ќе ги преиспитаме преку нивна употреба но и критичка рефлексија на нивното значење како пристaпи. Сакаме да ги дежаргонизираме овие зборови и приниципи на работа и да им го вратиме нивното значење (ако е возможно).
Идејата е КИНО КУЛТУРА да биде простор каде ќе се развие модел за вклучување на граѓаните и граѓанските организации како ко-управувачи (или соуправувачи) со што ќе се обезбеди директно учество во дикусијата и артикулирањето на развојот на просторот и ко-програмирањето.
Ние, ко-основачите инситираме на “ко” во обликувањето на просторот- управувачки модел преку- ко-соработка, ко- програмирање, ко- замислување и ко-егзистирање, како оние кои сакаат бидат „ко- одговорно партиципативни“.
За нас ова не е теориски, или модерен концепт, туку принцип како ние веќе работиме во изминатите години со многу наши партнери од Регионот. Затоа, ова е концептуално промислено, но исто така спроведен пристап кој ние сметаме дека ќе увозможи негово утилизирање во реформирањето на нов, различен простор/проект КИНО КУЛТУРА.
Преку овој простор ние сакаме да се создаде нов ѓраѓански „свет на културата“, што својата артикулација ја поддразбира преку отвореност, транспарентност, учество и одговорност.
Ние веруваме дека овој проект долгорочно ќе придонесе кон развојот на урбаната култура и новиот „свет на културата“ во заедницата и градот, како и кон развојот на современиот уметнички израз во оваа област, со што ќе постане простор за вклучување како на стручни, но и на пошироката општествена заедница(и).
Исто така, имаме за цел да се воспостави „рециклирана економија“, што значи да се реинвестираат сите добивки преку различните активности во развојот на програмите и одржувањето на просторот.