СРАМОТА е дел од Скопскиот викенд на гордоста и е иницијатива на ПичПрич дуото Ана Василева и Румена Бужаровска. Неколкумина раскажувач(к)и од јавната културна, политичка и општествена сфера раскажуваат кратки приказни за телесниот, родовиот и сексуалниот срам кој ја обележал нивната општествена ненормативност – оттаму, „квир“ како она што излегува од рамките на прифатливиот општествен код.
Со овие јавно изговорени приказни, срамот се превртува и се трансформира, исмеаниот станува исмевачот – срамот се враќа назад кон оние што занесени во својата арогантност и привилегија, претпоставуваат дека го имаат правото да бидат родова, сексуална и морална полиција и да понижуваат.
Срамот е поврзан со нашите желби, задоволства, однесувања, движења и мисли, па затоа овие приказни создаваат наративи за отпор. Конечно, нашиот срам станува наше задоволство и среќа. Наместо наведната глава и зацрвенети образи, ние даваме отпор. Наместо неподносливото внатрешно гушење, ние пукаме од смеење. Овој настан има намера да го искористи хуморот како моќна алатка за отпор и кршење на општествените норми и притисок што создава чувство на срам кај нас како поединци.
По настанот се придвижуваме кон Бистро Комедија на журка со диџеј сет на Зоки Бејбе.
