Тука, но некаде другаде |
24. 10. 2024 – 04. 11. 2024 |
Мала станица – Скопје
Отварање на изложбата: 24 октомври во 19 часот
*******************************
Уметници: Невена Алексовски, Елена Чемерска и Ивана Мирчевска, Ана Чворовиќ, Андреа Кнезовиќ, Илија Прокопиев, Ленка Ѓоројевиќ
Кураторка: Јана Старделова
Кој може да одлучи да се пресели, а кој е принуден да остане? Или, пак, важи обратното? Како што пишува бел хукс во Припаѓање: култура на место: „Размислите за местото, за тоа каде припаѓаме, се постојана тема за многумина од нас“. Ова особено важи за уметниците во Тука, но некаде другаде (1), кои ги поканив да ги истражуваат универзалните човечки искуства на мобилност, движење и припадност преку лични приказни.
Заземајќи децентрализиран пристап, изложбата ги прикажува делата на седум уметници чии практики комбинираат локални и регионални перспективи. Делата на Невена Алексовски, Елена Чемерска и Ивана Мирчевска, Ана Чворовиќ, Андреа Кнезовиќ, Илија Прокопиев и Ленка Ѓоројевиќ ги вткајуваат заедно динамиката на раселеноста, транснационалните идентитети, колективноста и променливото чувство на припадност на оние кои ги минуваат границите. Нивните дела истражуваат интимни картографии на припадноста – без разлика дали е доброволна, присилна или замислена, низ времето. Користејќи еклектични уметнички пристапи и разновидни медиуми, уметниците се водеа од поимот „диференцијална припадност“ на Ејми Каријо Роу (2), или движење помеѓу различни видови на припадност што нѐ држи на штрек и нè поттикнува да се справиме со начините на кои сме угнетувани и привилегирани. Тие се впуштија во потрага по припадност која наместо идентитетски политики истражува различни форми на (со)егзистенција.
Уметничките дела ја истражуваат комплексноста на чувството на вдоменост на повеќе од една локација. Транснационалните наративи одекнуваат низ делата, покренувајќи идеи за припадноста кои ги преминуваат границите и ги поврзуваат поединците со повеќе простори и заедници. Наместо да го романтизираат концептот на домот, тие ја проучуваат лиминалноста и „изнаоѓаат начин да направат простор за нашето вистинско јас“ (3). Неизбежно, ранливоста е вткаена во личните приказни: себе-прифаќањето во процесот на прилагодување на новите средини е патување само по себе.
Различноста на културите од дијаспората е видлива во многу од делата. Користејќи различни стратегии, како што се авто-етнографија (4), психогеографија (5), лични генеалогии (6), делата раскажуваат приказна за универзалноста што преминува отаде бинарниот свет. Невена Алексовски го користи минатото како суровина, претворајќи го во извор на истражување на критичкото размислување. Личното и заедничкото се вкрстуваат во делото на Алексовски, приказните и практиките од минатото се поврзуваат за да создадат понијансирано разбирање на историјата на уметницата, како и на нашата заедничка историја.
Резонирајќи со универзалните обреди на премин, порталот на Илија Прокопиев нѐ потсетува на потенцијалот што се буди кога сме подложни на промени. Размислувајќи за функцијата на кометите како сфери каде се испреплетуваат различни верувања, локациски просторната инсталација зборува за темпоралноста и можноста за постепена промена. Во минатото, кометите се сметале за едни од најстрашните небесни објекти, означувачи на промени – без разлика дали деструктивни или трансформативни. Уметникот нè поттикнува да размислуваме за тоа како го разбираме и обликуваме светот во кој живееме.
Како еден од најдиректните симболи на границите и диференцијацијата, Ленка Ѓоројевиќ го реупотребува знамето во нетипичен простор. Во време кога е забрането да се истакнуваат одредени знамиња, уметницата нѐ повикува да го преиспитаме овој симбол. Комбинирајќи го со деформиран шпалир, уметницата ја истражува врската помеѓу сликата и објектот во контекст на личната меморија и како таа може да се изобличи. Деформираната слика на замрзната гимнастичарска поза има цел да ја доведе во прашање врската помеѓу личната меморија и меморијата втисната во телесно-културните предмети.
Телото во движење е исцрпено тело. Елена Чемерска и Ивана Мирчевска ги истражуваат последиците од телесната исцрпеност на пресекот на деградацијата на животната средина и влијанието на неолибералниот капитализам. Преку нивното одбивање да се претстават според однапред дадените поставености, нивните протагонисти, звуци, текст, скулптурни предмети и видео материјали имаат за цел да ја преобликуваат грижата не во индивидуалистички антропоцентричен пристап, туку во патека на динамична меѓузависност.
Глорија Анзалдуа забележа дека „граничниот појас е нејасно и неодредено место создадено од емоционалниот остаток на неприродната граница. Тоа е постојана состојба на транзиција“ (7). Инсталациите на Ана Чворовиќ ја разгледуваат улогата на границите и ги пренесуваат психолошките ефекти од војната и миграцијата. Одразувајќи ги страдањата на раселените луѓе, фрлените предмети се реконтекстуализираат за да покажат ненадејни промени во животите на оние кои се принудени да ги напуштат своите домови. Тие нè тераат да размислиме што значи да се навигира низ просторот внатре и надвор од границите и ѕидовите.
Дијаграмот на Андреа Кнезовиќ нѐ поканува да истражиме што се крие во нас и во каква интеракција е со надворешната реалност. Низ авто-етнографски пристап, делото ни помага да ги истражиме онтологиите на меѓугенерациската траума и алтернативните системи на грижа. Соѕвездието е проткаено со елементи што потсетуваат на игра и кои можат да се прелистуваат и испитуваат.
Замислено како долгорочна иницијатива, Тука, но некаде другаде нè предизвикува да мислиме на луѓе наместо на географии, да ги замениме омразата и стравот со солидарноста. Наместо да има за цел да прикаже фиксна перспектива или да докаже нешто, таа го свртува погледот кон промената, како се стигнува до неа и како таа влијае на нас и нашите заедници.
Јана Старделова
*******************************
(1) Насловот е инспириран од написот: Khoshgozaran, Gelare. 2022. The Too Many and No Homes of Exile. ЛИНК.
(2) Rowe, Aimee Carrillo. 2005. Be Longing: Toward a Feminist Politics of Relation. NWSA Journal 17, no. 2 (2005): 15–46.
(3) hooks, bell. 2009. Belonging: A Culture of Place. New York: Routledge.
(4) Овде, авто-етнографијата претставува аналитички пристап за саморефлексија кој се користи како метод за критичко испитување на нашите искуства во контекст на поголеми општествени и културни структури.
(5) Психогеографијата претставува истражување на пејзажот, неговите карактеристики и начините на кои таа ги прикажува различните човечки психички состојби.
(6) Истражувањето на личните генеалогии не само што обезбедува подлабоко разбирање на сопствениот семеен пат, туку нуди и увид во општествените настани и промените што ги обликувале моделите на миграција во семејството.
(7) Gloria Anzaldúa. “Borderlands: the new mestiza = La Frontera”. San Francisco, 1987. Aunt Lute.
*******************************
Невена Алексовски е активна во областа на цртањето, сликарството и илустрацијата. Таа работи како педагог во областа на современата уметност и раководи со педагошката програма на Здружението ŠKUC. Живее и работи во Љубљана.
Елена Чемерска е визуелна уметница и истражувачка чија уметничка практика ги истражува односите помеѓу естетиката, материјалноста и политиката. Во 2021 година, ѝ беа доделени наградите „Принц Клаус“ и „ДЕНЕС“, награда за млади визуелни уметници. Живее и работи во Скопје.
Ана Чворовиќ работи со темите на миграцијата и раселеноста. Нејзините инсталации ја истражуваат психодинамиката на местото, конкретно во контекст на војната, миграцијата, социо-економското осиромашување и процесите на глобализација. Чворовиќ има освоено бројни награди, вклучувајќи ја и наградата „Шелаг Клует“ (2021) и грант за уметничко усовршување од здружението „a-n“ (2018). Живее и работи во Лондон.
Андреа Кнезовиќ е концептуална визуелна уметница и истражувачка чии истражувачки интереси се фокусираат на политиката на грижа, нејзините институционални импликации и митолошки аспекти. Таа е добитничка на БАК стипендија за позиционирана пракса. Живее и работи во Амстердам.
Ивана Мирчевска е интердисциплинарна уметница и истражувачка која работи на подвижни слики, текст и инсталација. Ивана е добитничка на наградата „ДЕНЕС“ за млади визуелни уметници (2022). Живее и работи во Скопје.
Ленка Ѓоројевиќ критички ја испитува и толкува амбивалентноста на позицијата на (уметничкиот) субјект во контекст на производството, репрезентативните, идеолошките и симболичните наративи и стратегиите на доцниот капитализам. Во соработка со Матеј Ступица, ја освои наградата „ОХО“ во 2015 година. Живее и работи во Љубљана.
Илија Прокопиев е визуелен уметник, графички дизајнер, куратор и издавач, со седиште во Скопје и Љубљана. Тој е соосновач на студиото Приватен принт (PrivatePrint). Во 2011 година ја освои наградата „ДЕНЕС“ за млади визуелни уметници со делото „Студии за многу големи цртежи“.
*******************************
Превод од англиски: Душица Лазова
Дизајн на постер: Lea Jelenko
Копродукција: Galerija Škuc, Tiiiit! Inc.
Благодарност до: Ненад Тонкин, Завод Ибе Пали, Зала Велкаврх
Копродукција на Tiiiit! Inc. и Škuc Gallery
Поддржувачи на проектот: Equality Fund, Mondriaan Fund, Sigrid Rausing Trust, Министерство за култура – Словенија, Министерство за култура – Северна Македонија, Mestna občina Ljubljana






