„Растварања“ (2022 – во тек) претставува слоевит одговор на овие несигурни времиња, означувајќи лични искуства со воен конфликт, траума и чувство на загуба. Ова долготрајно дело е богато со визуелна и звучна симболика, повикувајќи се на вековната репресија врз жените на Балканот. Маја Зеќо, со своето дисхармонично пилење на сазот и со користење на звукот од сирена на рачен погон за воздушна опасност, создава сензуално преоптоварена перформанс/инсталација која свесно ги користи вознемирувачките карактеристики на шумот. Заробено во звучна јамка под стробоскопски светла, изведбата на Маја го доловува телото во судир со минатото и со нашите колективни и индивидуални неизвесни иднини. „Растварања“ ќе биде изведено на отворањето на самостојната изложба на Маја под наслов „Незгодни иднини“ (Discomfited Futures), во кураторство на Џон Блеквуд, во Здружението Јадро.

Изложбата, која ќе трае до 26 јуни, ќе биде придружена со каталог.
Маја Зеќо, потекнува од Сараево и живее во Шкотска од 2015 година. Таа е интердисциплинарна уметница која работи на пресекот меѓу перформанс, звук и подвижна слика. Во нејзината истражувачки ориентирана пракса, таа се занимава со теми како идентитети, деколонијалност и идеи за балкански футуризми. Критичкото истражување на овие теми ја води Маја кон акти на само-погребување, нуркање во вода за повикување сеќавања, експерименти со сензорно попречување и практики на издржливост. Таа заврши докторски студии базирани на пракса. во 2019 година и ги има претставено своите дела низ Обединетото Кралство и на меѓународно ниво, вклучувајќи ги Лондон, Лестер, Линколн, Единбург, Перт, Абердин, Цирих, Сараево и Загреб.
Џон Блеквуд е писател, едукатор и куратор кој живее и работи меѓу Абердин, Сараево и Скопје. Од 2006 година е активен истражувач на просторот на поранешна Југославија и има предавано на неколку универзитети. Меѓу неговите претходни изложби се: Property of Emptiness : Jusuf Hadžifejzović (ISU Загреб, 2015), Captured State: New Art from Macedonia (Summerhall, Единбург, 2017), Utopian Realism : Mladen Miljanović (Peacock Visual Arts, Абердин, 2019) и Nothing’s Guaranteed : Exhibition of BosnoFuturism (Summerhall, Единбург, 2022). Џон е автор на неколку книги и есеи за уметноста од поранешна Југославија и моментално работи како коуредник на два зборника што ќе бидат објавени од Routledge во 2025 година: Yugoslav Hauntologies (заедно со Јасмина Тумбас) и Contemporary Art from Bosnia-Herzegovina (заедно со Ирфан Хошиќ).
———————-
СКОПЈЕ ПРАЈД ВИКЕНД на Коалиција Маргини, ПРВО ПА ЖЕНСКО на Тиииит! Инк. и ПЕРФОРМАНС ПЛАТФОРМА на Локомотива го посветуваат јуни на современата и критичка перформанс уметност во танцот, театарот и визуелната уметност, како гест на грижа, релациска, политички ангажирана уметничка практика и акт на демократизирана јавна имагинација. Твориме простор за соработка, заедништво и размена, барајќи од институциите да го препознаат и континуирано да го поддржуваат.