Во четврток, на 30 октомври го отвораме есенското издание на ПРВО ПА ЖЕНСКО #ППЖ13 со првиот настан од QUEER програмата со изложбата „Историјата на собирите на ЛГБТИК+ жените од регионот“ на ЛГБТИК+ архивата „Аркадија“.

Од средината на 1990-тите години, Лезбејската недела станува едно од најважните регионални собирања на лезбејки, бисексуални и квир жени низ Балканот. Одржувана во континуитет од страна на Лабрис – Организација за лезбејски човекови права во Белград, оваа недела создава простор за поврзување, промислување и отпор, жива архива на феминистичката и квир солидарност.
Со оглед на тоа што почнуваат да се одржуваат во годините по распадот на Југославија, првите средби изискувале охромна храброст. Жени од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Словенија, а подоцна и од Албанија и Косово, се собирале за да зборуваат за видливоста, опстанокот и самоопределувањето во непријателски политички и општествени контексти. Овие средби често се одвивале тивко и незабележено – во безбедни станови, феминистички центри и заеднички простори – но ја носеле тежината и потенцијалот на промената.
Со текот на времето, Лезбејската недела прерасна во отворена, меѓугенерациска и транснационална платформа што ги обединува активист(к)ите, уметниците, истражувач(к)ите и сојузниците/-чките од целиот Балкан. Преку работилници, тркалезни маси, перформанси и изложби, овие настани поттикнуваат дијалози за идентитетот, политиката и грижата, притоа градејќи долгорочни соработки што го имаат обликувано регионалното ЛГБТИК+ движење.
Изложбата „Историјата на собирите на ЛГБТИК+ жените од регионот“ на ЛГБТИК+ архивата „Аркадија“ од Србија им оддава почит на основачките генерации на движењето и на нивната работа што ја обликува(ла) иднината на лезбејскиот* активизам – замислувајќи како би можела да изгледа регионалната феминистичка и квир солидарност во децениите што доаѓаат. Движејќи се низ архивските фотографии, дознаваме за бројните панел-дискусии, разговори и уметнички интервенции што ја преиспитуваат ѝсторијата на лезбејското* организирање, ги поврзуваат со сегашните предизвици и ги осмислуваат стратегиите за новите генерации активист(к)и.