Воспоставување врски: Кино клубовите и феминистичките пристапи кон подвижните слики | ППЖ13

I1aovpngirj9fucgnnxd

Првата соработка помеѓу Kino Unseen од Загреб и фестивалот Прво па женско од Скопје претставува продолжение на програмата Bridging / Воспоставување врски на Unseen, која се фокусира на традициите и практиките на киноклубовите, нивното ехо и просторот за поврзување денес. Со оваа програма ставаме акцент на враќањето кон регионалните соработки, како и кон соработки помеѓу регионот и земјите на Движењето на неврзаните. Освен на ангажманот со практики на архивирање, реставрирање и прикажување филмови создавани од шеесеттите години, па сè до денес, ќе се осврнеме и на размените и соработките што Југославија ги негуваше со неврзаните земји преку аматерски и алтернативни филмски практики.

Во текот на двете филмски вечери ќе ги отвориме прашањата за инфраструктурата, методите на продукција, размената и пристапот до филмската уметност за работничката класа во рамките на киноклубовите во Југославија и Куба, притоа мапирајќи нови можности за идни соработки. Нема да пропуштиме да прашаме со што располагаме денес, како го користиме, што е видливо, а што е скриено. Главното прашање ќе биде: како може да се проследи улогата на жените – филмски работници – во овие мрежи на киноклубови низ децениите?

Првата вечер е посветена на кубанскиот аматерски филм преку реставраторската и архивската работа на колективот Диви Архивист(к)и / Archivistas Salvajes (Лусија Малендро, Даниел Сауцедо, Хозуе Г. Гомез, Фабио Кинтеро). Archivistas Salvajes е кубански колектив посветен на зачувување нехегемонски и маргинализирани архиви на подвижни слики од островот. Како што самите велат, нивната мисија е да спасат, зачуваат и да споделат делови од кубанското визуелно наследство што се невидливи или маргинализирани од системската култура, обновувајќи им ја историската и културната вредност.

Во контекстуализацијата на филмовите избрани за оваа пригода, пишуваат:

Ниту еден филмски клуб на женско творештво никогаш не бил официјално предводен од жени. Кога размислуваме за главните имиња во кубанскиот аматерски филм, обично помислуваме на мажи. Истото важи и за најпознатите филмови. Иако бројот на режисерки бил мал, анализата на контекстот на кубанската кинематографија во седумдесеттите, осумдесеттите и раните деведесетти покажува дека неколку кубански жени, во оваа паралелна сфера надвор од хегемонската индустрија, пронашле начин да изградат сопствено, ефемерно (миговно), фрагментарно (расцепкано) и дифузно (распространето) место во историјата.

Реконструкцијата на приказните на овие жени била дури и потешка од онаа на мажите: расфрлани и исчезнати архиви, егзили, дијаспори и незавршени дела го обележале нивниот пат. Сепак, нивното влијание врз аматерската кубанска сцена во тоа време било мошне значајно.

Втората вечер го отвора прашањето за улогите на жените во југословенската сцена на аматерските киноклубови. Иако, поради различните предизвици со кои се соочуваме денес во регионот – политичка репресија, корупција, криминализација на солидарноста и постојаната несигурност на трудот во културата и филмот – ќе бидат прикажани (само) филмови од авторки кои работеле и сè уште работат во Киноклуб Загреб (Иванчиќ, Зидариќ) и Киноклуб Сплит (Иваниќевиќ), преку разговор со филмскиот истражувач и теоретичар Сима Кокотовиќ од Белград ќе дискутираме за пошироката југословенска сцена и за размените и соработките што се одвивале до деведесеттите години.

Покрај прикажувањето филмови од шеесеттите години, ќе разговараме и за денешниот живот на киноклубовите и нивната иднина.

************Карла Црнчевиќ, кураторка на филмската програма

—————————————

Воспоставување врски: Кино клубовите и феминистичките пристапи кон подвижните слики | 30 и 31 мај | 19:30 часот | Кино на Железничката зграда | ППЖ13

tiiiitinc_logo_outline
EN

Ве ивестуваме дека на нашата страница користиме технологии како што се колачиња, за да го подобриме Вашето корисничко искуство. Кликнете подолу за да се согласите со користењето на оваа технологија на нашата страница. За понатамошни детали погледнете ја нашата политика за приватност

Дозволи колачиња

EN

Created with Fabric.js 5.2.4