Пишува Јана Коцевска
Приказната за Захарија Василева Шумљанска е важен наратив за женското културно наследство на ова поднебје. Одржувањето на ваквите наративи ја оживува сликата за мировните дејствувања на жените кои живееле и дејствувале на оваа територија. Практикувањето култура на паметење ни овозможува да согледаме можни решенија за сегашноста, за надминување на политичките неправди и давањето отпор од опресираните и разбранување на бунтовничките, но и некои помирни движења и механизми на опирање.
Захарија Василева Шумљанска била просветна работничка, хуманитарка и активистка. Опишана е во своите мемоари како „една од најинтелигентните и енергични битолски граѓанки“. Таа е родена во село Могила, битолско, во 1864 година. Информациите за нејзината најрана возраст покажуваат дека таа особено се истакнувала во школските успеси, како најдобра меѓу останатите ученички. Завршува основно и гимназиско образование со одличен успех, по што се здобива со стипендија да го продолжи образованието во Пловдив каде завршува во 1885 со одличен успех. По враќањето во Макеоднија, на своја 21 годишна возраст, во времетраење од 14 години се занимава со учителска дејност во Воден, потоа во Скопје, Одрин и Солун. Потоа, таа се венча со Јулијан Шумљански, полски емигрант, со кој живее во Битола. Тие имаат две деца.
Во 1903 година, се случува Илинденското востание кое завршило со многу жртви и штети, по што многу деца останале сираци. Захарија ја прифаќа идејата за помагање на децата сираци, останати без дом и родители, и иницијативата за создавање на дом ја остварува постепено, почнувајќи од 1905 година, кога со помош на други граѓани и граѓанки од Битола, основа здружение, тогаш наречено „културно благотворително дружество“ за кое битолчаните на општоградското собрание биле сите согласни да се формира, откако го слушнале нејзиниот говор.

Здружението било наречено „Утеха“, со претседател Живко Добрев. За да не ги „разбудат“ сомнежите на турската власт, тие најпрво започнале со отворање на кујна за сите сираци. Таа кујна се наоѓала во црквата св. Богородица. Најпрво имале план да направат сиропиталиште со 40 легла. Целиот процес во собирање на храна и натура бил неизмерно тежок. За среќа им биле доделени дополнителни 4-5 соби и дворот на црквата. Од битолските еснафи собирале материјали и храна, некогаш најевтино набавени, а не ретко и без надомест. За една година се собрале вкупно 46 деца. Во истата 1905 година, таа заедно со г-ѓа Ракарова, жена на бугарскиот воен аташе во Битола и потпретседателка на здружението, патувале сами двете на коњ од Битола – Ресен – Охрид и назад, а потоа Битола – Прилеп – Крушево и назад, за да собираат пари и облека за потребите на сиропиталиштето. Во тој контекст е особено опасно да се направи овој подвиг, со што таа во своите мемоари доста живописно ги објаснува предизвиците и случките од ова опасно патување. Двете битолчанки застапуваат кај властите, еснафите, имотните граѓани претставници на политичкиот и елитниот круг за развивање на сиропиталиштето и потребата од финансиска помош за децата-сираци. Така остваруваат врски со Софија, конкретно со госпоѓа Екатерина Ризова – Петкова, самата со потекло од Битола, претседателка на Софиското Македонско здружение. „Утеха“ потоа станува членка на Софиското здружение, со протоколно решение и размена на писма меѓу двете здруженија. Конзулите во Битола на Бугарија, Русија и Англија, постанале покровители на сиропиталиштето. И од солунскиот „бугарски“ конзул исто така добиле финансиска поддршка. Захарија и другите инволвирани започнале со организирање на концерти и „вечеринки“, а приходите од истите оделе за сиропиталиштето. Таа сама се грижела за чистотата на тие „немирници“, како што ги нарекува во своите мемоари. Бидејќи бројката на сираци се зголемувале од година во година, морале постепено да го напуштат сиропиталиштето во цркавата, за од 1910 година, кога имале 110 сираци, да се преместат во куќата на Калешко, а подоцна во таа на Ризова.

За жал, ваквата хуманитарна активност била прекратена со интернација на семејството Шумљански во Солун. Турската власт дознала податоци дека сопругот на Захарија имал врски и ја помагал Револуционерната организација. Не помогнала ниту интервенцијата на рускиот конзул Петраев, па семејството Шумљански било депортирано во Солун. Збогувањето на Захарија со децата од Сиропиталиште на железничката станица во Битола било посебен настан каде присуствувале многу граѓани и деца, кои на разделбата гласно плачеле, по својата заштитничка Захарија. Фанија Зурграфова ја презела грижата за децата во сиропиталиштето.
И по заминувањето на Захарија, бројката на деца продолжувала да расте уште повеќе, и своевремено изнесувала 130 деца. Од година во година се повеќе се развивала работата на сиропиталиштето, за што веќе имало иницијатива да се изгради сопствена нова зграда. Домот за сираци, по заминувањето на Захарија опстојувал уште кусо време и потоа бил уништен за време на Балканските војни во 1912-1913 година, кога сираците се распрснуваат по околните села, а покуќнината од сиропиталиштето била оргабена, оштетена и опустошена.

Во 1912 година во Солун Захарија отвoра болница за ранетите македонски војници, но со доаѓањето на грчката власт тие стануваат повторно предмет на прогон. За време на Првата светска војна, поради наклонетост кон македонското револуционерно дело, најпрво биле ставени во домашен притвор, а подоцна била одвоена од семејството и интернирана во Мехади и Рас Селтин, Северна Африка.
По Првата светска војна, илјадници македонски бегалци се нашле во Бугарија. Тогаш оваа добротворка, иако физички не толку моќна, со непоправлива желба да се помогне, формирала Дом за сираци во главниот град на Бугарија, кој го носел името „Битола“. Во него биле згрижени 120 сирачиња.
***
Извори:
Списание: Илустрација Илинден (издание на илинденската организација), година IX. Книга 10, Софија, декември 1937 година.
Значајни личности за Битола, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, Општина Битола, 2007, (str. 267 – 268) http://nuub.hopto.org/greenstone3/sites/localsite/collect/col11/index/assoc/HASHfc68.dir/ZnacajniLicnostiZaBitola.pdf
Николов Тома, СПОМЕНИ ОТ МОЕТО МИНАЛО, (Изд. на Отеч. фронт, София, 1989), 38. Захарија Шумљанска http://macedonia.kroraina.com/tn/index.html
https://documents-mk.blogspot.com/2011/09/blog-post_18.html
http://daritelite.bg/siropitalishte-bitolya-sofiya/