Летна школа за феминистичко драматуршко размислување | ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДИННИ 4.0

Летна школа за феминистичко драматуршко размислување | ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДИННИ 4.0
C3euoe0tphnu0icoreey

Водени од позитивните минатогодишни искуства, Тиииит! Инк. продолжуваат да го надоместуваат недостатокот од формално образование од областа на современите изведувачки практики и во рамки на четвртиот циклус на Платформата за изведувачки уметности ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ го организираат второто издание на Школата за феминистичко драматуршко размислување.

Годинава програмата во формат на летна школа ќе се реализира од 6 до 12 јули во комплексот на манастирот Св. Јоаким Осоговски, сместен на околу 3 километри североисточно од Крива Паланка, во прегратките на живописната столетна дабова шума, на прекрасните падини на Осоговските Планини.

Школата на локалните уметници активни на независната културна сцена, ќе им овозможи теориско и практично знаење за развојот на авторски и/или соработнички уметнички дела низ феминистички драматуршки пристапи, кои не само директно референцираат феминистички теми и преокупации, туку неизбежно ги редефинираат уметничките процеси, втемелувајќи ги во феминистичките вредности какви што се рамноправноста, грижата, солидарноста и заедништвото.

Интерактивната програма за учење/одучување годинава, вклучува серија работилници со три меѓународно препознаени уметници кои работат во полето на современиот перформанс и танц: Оља Грубиќ – авторка и изведувачка (Хрватска/Словенија), Викторија Илиоска – корегорафка и изведувачка (Македонија/Германија) и Антониа Роветер – истражувачка, драматург, писателка и кураторка (Германија).

Групата локални уметници кои ќе ја следат програмата ја сочинуваат кореографката и изведувачка Тереза Лазарев, актерките Наташа Петровиќ и Јасмина Билаловиќ, танчерката и едукаторка Јоана Благадуша, музичарот и композитор Лука Тошев, театарскиот режисер Александар Јовановски, истражувачката, писателка и преведувачка Душица Лазова, писателката и драматичарка Гала Ивановска, компаратистката и културна работничка Ана Кнежевиќ, мултидисциплинарниот уметник, филмски автор, писател и истражувач Сезер Салихи, визуелната уметница Ана В’чкова и аниматорката и документаристка Верица Тенекџиева.

Благодарение на соработката со Europe House – Крива Паланка, покрај главната програма, учесничк(ц)ите ќе имаат прилика да остварат средби со локалната кураторка и уметница Кирила Цветковска која пред нив ќе ја претстави својата специфична кураторска и уметничка практика. Диполнително, ќе имаат можност и да ги истражат живописните пејсажи на Осоговските планини заедно со водичите од локалното здружение за планинарење и заштита на планини „Калин Камен“.

Уверени сме дека искуството на Летната школа за феминистичко драматуршко размислување ќе им ги прошири професионалните перспективи и ќе им биде поттик во понатамошната уметничка работа со која, низ нововоспоставените релации и соработки, ќе продолжат да придонесуваат кон развојот на независната културна сцена, унапредувајќи ја нејзината уметничка и општествена релевантност. 

Кураторка на програмата на Школата за феминистичко драматуршко размислување и на Платформата ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИНДИНИ: Кристина Леловац

Програмска координаторка: Тамара Ристоска

Волонтерки: Мартина Даниловска и Марија Талеска

Програмата на Школата се реализира со поддршка на Фондацијата Квина тил Квина од Шведска и Фондот за еднаквост, а во соработка со Europe House – Крива Паланка.

—————————————————

Летна школа за феминистичко драматуршко размислување
6 – 12 јули, 2025 година
Манастир Св. Јоаким Осоговски, Осоговски планини

ГЛАВНА ПРОГРАМА

Развивање изведувачки јазик
Оваа работилница има за цел да поттикне разбирање за изведувачкиот јазик. Како ја читаме и перцепираме изведувачката уметност, а исто така и како го развиваме нашиот уметнички идентитет и ја откриваме нашата лична методологија. Разбирање на себеси, како и на другите, разбирање како да бидеме активен гледач и како да артикулираме, како да даваме и како да примаме мислења, како да размислуваме за публиката, да ја разбереме публиката и нејзиното разбирање на нашата работа. Учесничк(ц)ите ќе бидат водени низ креативен процес за да развијат оригинална идеја за изведба, да го тестираат изведувачкиот и креативниот потенцијал и да го набљудуваат креативниот процес низ очите на гледачката/чот.

Оља Грубиќ дипломирала на Академијата за визуелни уметности во Љубљана, каде што магистрирала концептуализација на просторот. Се занимава со современи и ангажирани теми и работи во полето на различните медиуми – перформанс, кабаре, цртеж, видео, инсталација, сценографија и костимографија. Во своите проекти ги комбинира основните животни функции, потреби и инстинкти во визуелни слики и навидум едноставни физички дејства кои, опстојувајќи со текот на времето, обликуваат широк спектар на чувства и општествени состојби. Поставувајќи го сопственото тело на сцената, таа ги истражува можностите за слобода во рамките на патријархално и капиталистички ориентирано општество. Изложува во бројни галерии и музеи, во Словенија и во странство. Нејзините дела се вклучени во Изборот на дела од колекциите на Модерната галерија Љубљана Артест 2000+. Од 2016 до 2021 година, ја водеше групата Кабаре Тифани. Во 2020 година стана дел од уметничкиот одбор на Виа Негатива.

Кореографирање контрадикции
Оваа работилница ги поканува учесничк(ц)ите да работат со контрадикцијата и како кореографски и како политички метод. Вкоренети во идеите развиени низ перформансот-предавање „Кореографирање контрадикции: неврзани наративи на сеќавањата“, ќе истражиме како телото може да задржи и изрази конфликтни сеќавања, фрагментирани истории и нерешени прашања. Преку водени сесии за движење, вежби за пишување и колективна рефлексија, работилницата предлага простор каде што незнаењето станува ресурс и каде што двосмисленоста не е нешто што треба да се реши, туку да се живее со. Црпејќи инспирација од наследството на Движењето на неврзаните, би сакала да го предизвикам прашањето: што значи да се кореографира на начин што одбива усогласување со/определување, кохерентност или единствена вистина? Како може контрадикцијата да се отелотвори – не како неуспех, туку како потенцијал?

Викторија Илиоска е кореографка, изведувачка и уметница која ја истражува кореографијата низ различни медиуми, вклучувајќи движење, текст, глас и звук. Таа дипломира на отсекот за педагогија и репертоар на танц при Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира кореографија и перформанс на Институтот за применети театарски студии во Гисен. Таа ја разбира кореографијата како проширена практика која еволуира и се трансформира во организација на просторот — алатка за анализа што е повеќе од обично изразување. За неа, кореографијата е критичко поле на знаење, каде танцот и перформансот се стратешки средства за движење низ тензиите меѓу структурата, редот и процедуралните рамки. Таа пристапува кон уметничката практика како кон динамична интеракција помеѓу правењето и постанувањето, обликувана преку истражување, рефлексија и отелотворено иследување.

Замислување репродуктивна слобода
Во уметноста, поимот грижа е едноставно насекаде. Современите повикувања на грижа имаат тенденција да го позиционираат одржувањето и меѓузависноста како радикални алтернативи на сегашноста, во која животите засновани на исцрпеност, умор, социјална изолација и нееднаквост се чини дека стануваат неуправливи. Дури и кога се признаваат расизираните, родовите и колонијалните реалности што го организираат репродуктивниот труд, афирмативните дискурси околу грижата имаат тенденција да ја претворат грижата во ветување. Се чини како ваквата перспектива да имплицира дека ако имаше само повеќе грижа – за планетата, нечовечките и човечките суштества, во рамките на заедниците, во работните односи, во семејствата и пријателствата, од државата, за нас самите, животот ќе беше полесен за живеење. Ваквото оптимистичко свртување кон репродукцијата има тенденција да го одвои репродуктивниот труд од неговата функција во репродукцијата на капиталистичките односи, честопати ненамерно , во позадина, нормализирајќи ја и морализирајќи ја работата во полето на грижата. Предизвикувајќи го ваквиот оптимизам за грижата, оваа работилница предлага колективно да се нурнеме во текстовите кои наместо да ја трупаат грижата со автономна вредност, овозможуваат да се замисли ослободувањето од репродукцијата каква што ја знаеме.

Антонија Роветер работи како истражувачка, драматург, писателка и кураторка во полето на современите изведувачки уметности и танцот. Наместо да се фокусира на создавање знаење за уметноста, таа се занимава со уметнички методологии како практики кои сами по себе можат да генерираат форми на дискурзивно, сензорно, критичко и отелотворено знаење. Потпирајќи се на своето интердисциплинарно академско искуство што опфаќа филозофија, студии на културата и родот и студии на применет театар, работата на Антонија е посветена на квир, феминистички и деколонијални начини на материјалистичка анализа. Таа живее во Берлин.


ПРИДРУЖНА ПРОГРАМА

Средба со Кирила Цветковска

Кирила Цветковска е независна културна работничка и кураторка од Крива Паланка. Потпирајќи се на своето образование во полето на историја на уметноста и психологијата, таа менува различни улоги во уметноста, барајќи нови форми и пристапи преку соработки. Нејзината општествено ангажирана практика ја истражува колективната меморија и создавањето историја, меѓукултурните вредности и лични наративи, почнувајќи од фотографски и видео инсталации, до книги и експерименти во звучни и видео форми. Кирила е дел од уметничкиот/кураторскиот тим за EternalTiber, иницијатива за оживување на реката Тибар преку просторно специфична уметност. Таа е исто така уметничка соработничка во Центарот за аудиовизуелни уметности во нејзиниот роден град, Крива Паланка, фокусиран на ангажирање на заедницата преку културата. Во рамки на колективот Zone Collective, заедно со историчарката на медиумите Меган Хоетгер, развиваат интердисциплинарни методолошки и наративни пристапи кон истражувањето. Кирила учествувала во бројни резиденции, вклучувајќи ги TATE Intensive, UNIDEE, What Could/Should Curating Do. Дипломирала историја на уметност со помошна насока психологија на Универзитетот Џон Кабот и е алумна на United World Colleges.Средбата на која Кирила ќе ја сподели со учесничките и учесниците на Летната школа својата кураторска и уметничка пракса ќе се случува во Europe House Крива Паланка, кој веќе прерасна во централна точка за поврзување на младите од Североисточниот и Источниот регион, па дури и за младите од двете страни на границата. Преку многубројните дебати, дискусии и работилници, тие овозможуваат да се слушне гласот на младите за предизвиците со кои секојдневно се соочуваат на општествени, културни и многу други полиња.

Планинарска тура со ЗПЗП Калин Камен

Покрај можноста заедно да размислуваат, промислуваат и откриваат за уметничките практики, учесничк/ците на Летната школа за феминистичко драматуршко размислување, водени од локалните планинари, ќе можат да се нурнат подлабоко во возбудливите пејсажи на Осоговските планини – од езерото преку врвот Калин Камен до Станечките водопади.

Здружението за планинарење и заштита на планините „Калин Камен“ е формирано во 2015, со идеја во Крива Паланка да заживее планианрски клуб кој ќе екипира млади вљубеници во планината, младинци со визија кои ќе ги освојуваат височините на планините и ќе уживаат во прекрасните убавини на недопрената природа. Волонтерски организираат планинарски акции и прошетки во реонот на Кривопаланечко, со цел да овозможат запознавање на овој живописен крај.

tiiiitinc_logo_outline
EN

Ве ивестуваме дека на нашата страница користиме технологии како што се колачиња, за да го подобриме Вашето корисничко искуство. Кликнете подолу за да се согласите со користењето на оваа технологија на нашата страница. За понатамошни детали погледнете ја нашата политика за приватност

Дозволи колачиња

EN

Created with Fabric.js 5.2.4