Како настанал патријархатот? | Текст на Марија Арсенкова
Зборот „мама“, во сите свои варијанти, е толку распространет во светските јазици што понекогаш се прогласува за првиот збор на човештвото (1). Очигледното објаснување за ова лежи во неговата едноставна артикулација (носната согласка [m] бара само да се затвори устата, а незаоблената самогласка [a] само да се отвори), која дополнително наликува и на движењето на бебешкото усте додека цица (2). Оваа низа гласови била најлесниот начин за бебето да го побара—и да го добие—тоа што му треба, а значењето што ѝ било придадено понатаму произлегува од биолошката реалност на создавањето нов човечки живот: мајката е првиот дом и извор на енергија на секој еден од нас.
Оваа биологија на почетокот ја уредувала и нашата социологија. По раѓањето, мајчината утроба била заменета со цело едно општество кое ја играло истата улога—да го храни, пои и негува новиот живот. Биолошката мајка била заменета со социолошка „мајка“: политичка, морална и економска заедница на луѓе, чија примарна цел е да му пружат соодветни услови за раст и развој на своето потомство—и животот воопшто (3). Ваквата институционализација на мајката ја обликува и првобитната уметност на луѓето, па многу од најстарите артефакти откриени досега се мали женски фигури—познати како венери—со изразени облини, што личат на дојки полни со млеко, и набори на стомакот кој изгледа како до скоро да носел бебе. Често, наместо глава, овие фигури на врвот имаат мала алка, укажувајќи на тоа дека веројатно биле користени како приврзоци за ланче (4). Значи, долго пред крстот, полумесецот и Давидовата ѕвезда, на градите на нашите предци висело мајчиното тело како амајлија за заштита, бериќет и изобилство. Притоа, амајлијата не ја претставувала само жената сведена на нејзината плодност и репродуктивна функција, туку мајката како метафора за природата и целиот космос, кои се во постојан процес на преродба.
Или во брилијантните зборови на археологинката Марија Гимбутас:
„Плодноста не е примарната функција на праисториската Божица Создаделка и нема никаква врска со сексуалноста. Божиците што можеме да ги реконструираме се пред сè создателки на животот, не венери или убавици, и дефинитивно не жени на машки богови.“ (5)
Како тогаш денес живееме во свет кој не само што не го почитува женското тело, туку и го сквернави, силува и злоупотребува за да стекне надмоќ? Зошто од општество кое се организира околу новиот живот сме се претвориле во општество кое се организира над животот? Како сме го замениле кругот, кој ги споделува одлуките, плодовите и трудот, со пирамида, која ја концентрира моќта на врвот преку неумолива експлоатација на својата основа?

Големата Мајка Божица од Тумба Маџари, Скопје, стара приближно 7.500–8.000 години и претставена на начин што е непознат меѓу неолитските култури од другите балкански простори. Керамички жртвеник, висок 39 см. Откриен во 1984 година. Подоцна слични жртвеници се пронајдени и во Говрлево, Стенче и Породин и уште еднаш во Тумба Маџари во 2024 година.
Извор: Археолошки музеј на Македонија (фотографија преземена од umno.mk)
Пирамидалната структура која илјадници години владее со човечкото општество за денес да го доведе до раб на пропаст е патријархатот. Ослободувањето на историјата од неговата доминација е револуционерен чин. Ако ја прераскажеме приказната на човештвото од нејзиниот вистински почеток, би можеле да изнајдеме спроведливи решенија што задираат во сржта на проблемот. Затоа, истражувајќи ја мајката како глагол во рамките на есенското издание на ПРВО ПА ЖЕНСКО #14, на 25. ноември, Светскиот ден против насилството врз жени и девојчиња, низ разговор воден од Марија Арсенкова со почеток во 18:00 часот во КСЦ „Јадро“, ќе се обидеме заеднички да ги одгатнеме корените на патријархалното насилство и, во чест на сите негови маченички, да замислиме лични и колективни механизми за самоодбрана—на женските и на сите други угнетени тела.
Марија Арсенкова е членка на Академијата за демократска модерност основана од курдското движење за слобода, кое ја предлага женологијата како нова општествена наука за жените и животот.
(1) Jean-Christophe Reinmuth, “La mère, le sein, la tétée, l’amour et le baiser : Une analyse diachronique en soutien des théories de l’énaction et de l’incarnation,” Signifiances (Signifying) 1, no. 3 (2017): 133–149
(2) Roman Jakobson, “Why ‘Mama’ and ‘Papa’?,” in Perspectives in Psychological Theory: Essays in Honor of Heinz Werner, ed. B. Kaplan and S. Wapner (New York: International Universities Press, 1960), 124–134
(3) Heide Göttner-Abendroth, Matriarchal Societies: Studies on Indigenous Cultures Across the Globe (New York: Peter Lang, 2012)
(4) Michelle K. Stannard and Michelle C. Langley, “The 40,000-Year-Old Female Figurine of Hohle Fels: Previous Assumptions and New Perspectives,” Cambridge Archaeological Journal 31, no. 1 (2021): 21–33
(5) Marija Gimbutas, “The Earth Fertility Goddess of Old Europe,” Dialogues d’histoire ancienne 13 (1987): 11–69