Овој текст е напишан од страна на Христина Иваноска посветен за нејзиниот придонес во создавањето на цртежот „Уживање!“ којшто се наоѓа на насловните корици на македонското издание на книгата „Избришаното уживање: Клиторисот и мислата“ на француската филозофина Катрин Малабу. Едицијата Vagina Dentata изразува благодарност до Иваноска за овој прекрасен гест од нејзина страна со што ја продолжува нашата долгогодишна соработка во правец значаен за продукцијата на независната културна сцена.
Промоцијата на книгата ќе се случува на 7 април – вторник, од 19 часот во FRANZ (поранешен Клуб на новинари).

„Клиторисот е камче тајновито вметнато во чевелот на сексуалната имагинација. (…) Долго време скриен, лишен од име и уметничко претставување, отсутен во медицинските прирачници, честопати непознат дури и за самите жени, клиторисот со векови постоел само како скрупул, во првобитното значење на зборот – камче кое создава непријатност и го измачува духот.“
Се сеќавам дека ја прочитав во еден здив, а потоа уште долго лежеше на масичката на мојата страна од креветот. Додека читав, извлекував зборови, подвлекував реченици, забележував цели пасуси, ставав извичник или два, за да потенцирам дека нешто посебно ми се допаднало, ме испровоцирало или ме изненадило. На слободниот простор околу отпечатениот текст запишував зборови или кратки реченици, за да не заборавам, за да продолжам да размислувам, за да почнам да создавам.
Хрватско-српското издание на книгата Избришаното уживање на Катрин Малабу го имам од крајот на 2021 г., кога во рамки на хибридно предавање и разговор со авторката како дел од програмата на Крик – Фестивалот за критичка култура одржан во Музејот на современата уметност во Скопје, можевме да си земеме бесплатен примерок. Книгата кај мене поттикна лавина од возбуда која се прелеа во промислување и создавање на нови концепти и дела. Двете самостојни изложби поставени во просторот на Историскиот музеј при Музејот на РС Македонија, со наслов Документот што недостасува: За методологијата (текст, глас и тело) од 2022 година, и две години подоцна Џинови и снегулки, кои се реализираа на покана и во соработка со Јана Коцевска во рамки на проектот Архиви на невидливите, ја претставија токму оваа нова продукција.

На авторските страници во зборниците издадени како дел од истиот проект, ги претставив уметничките истражувања кои се раздиплуваа низ печатениот простор како колажи од текст, слика, фотографија и цртеж, а кои ја содржеа и манифестираа мојата бунтовност против заборавот и мојата континуирана борба против систематското маргинализирање и бришење на женското и феминистичко будење, здружување и дејствување, пред сè, на територијата на нашата земја. Книгата на Катрин Малабу ме поттикна повторно да размислувам за женското тело, за сексуалноста и уживањето и колку тајновита, комплексна и недооткриена е таа конституција и констелација од тело и ум и колку неправди, навреди, понижувања и сакатења поминале преку неа, низ неа и врз неа.
„Клиторисот: мала испакната тајна која опстојува, се спротивставува, ја вознемирува совеста и ја гризе петицата, е единствениот орган наменет само за задоволство, затоа и за ’ништо’. Тој е ништото, огромното ништо, сѐ или ништо на женската сладострасност.“

Токму затоа поканата од Јана да изработам визуелно решение за изгледот на корицата на македонското издание на книгата, ја примив и прифатив со голема возбуда и крајна сериозност.
Цртежот кој го осмислив за оваа намена е изработен со користење на техниката на сечење (cut-out) и е повеќеслоен, создаден со преклопување на четири пара цртежи, колку што букви содржи зборот УЖИВАЊЕ со извичник на крајот, извлечен од насловот на книгата, а кој се однесува на клиторисот како на „орган за уживање“. Зборот го испишав со мојата небинарна кирилична, македонска типографија Архетип отворена форма, во која ја отфрлив хиерархијата на вертикалите и хоризонталите во буквите за да градам азбука само со користење на дијагонали, кругови и полукругови. Буквите и интерпункцискиот знак ги распоредив на осум листа, групирајќи ги во парови, две по две, за да добијам четири слоеви или нивоа на цртежот. Околу буквите го поставував цртежот со молив, за потоа со остриот скалпел внимателно да го отсечам и отстранам она што е одвишок, за да отворам простор низ кој ќе се појават делови од другите цртежи положени одоздола. За првиот диптих со буквите У и Ж, го искористив анатомскиот приказ на клиторисот како основна инспирација за да создадам цртеж на форми кои се браздат и извиваат. Низ процепите се наѕира вториот диптих со буквите В и И, каде што си поигрував визуелно со големината на отворот, како дупче или крукче, на половиот орган кој е прегрнат со срамните усни на клиторисот. Под него се цртежите со буквите А и Њ, диптихот на кулминацијата или оргазмот при кој несвесно го испуштаме звукот на уживањето: АААААА, и ни се завртува во главата од убавина. Ова задоволство се манифестира и надворешно, на површината на нашето тело, каде руменило ги облева брадавиците или прамените од косата немирно паѓаат врз заруменетите образи на лицето прикажани на последниот, четврти слој со буквата Е и извичникот со кој се „бележи извичната интонација, односно различниот интензитет на покачување на тонот“.
„Во реалноста не постојат две туку мноштво страни, наклони, релјефи и граници.“

Техниката на сечење е присутна во моето творештво веќе подолг временски период и постојано ѝ се навраќав за да испробувам секогаш за мене нови, поинакви, покомплексни, послоевити форми на израз. Во ова мое последно исчекорување, цртежот го создавам со сечење и физичко отстранување на негативниот простор кој нема функција „само на заднина“, туку има активна улога во креирањето на овој повеќеслоен цртеж. Преку тоа хируршко сечење и отстранување со скалпелот, се создава чувство на длабочина, зашто ни овозможува да видиме делови од долните слоеви. Вака изрежените хартии поставени една преку друга создаваат еден нов, густ простор преполн со информации кои, доколку цртежот не се расклопи, разглоби, растури и одвои, остануваат затскриени или скриени во неговата слоевитост.
„Таа е неодредено/бесконечно друго во себе самата.“
Изборот на бојата на хартијата не е случаен. Длабоко во нашите тела, ние сме меланж од модри, црвени и млечно бели тонови, кои измешани на една палета, стануваат розови. Розовата доби значајно место во мојата понова продукција и е присутна во мојата визуелност. Таа е за мене истовремено и еманципаторска, и обединувачка, и бунтовна. Но исто така, и сензуална, провокативна и еротска. Може да биде суптилна, но и остра и неодминлива.
Но да се биде без принципи (да се биде анархичен, заб. на авт.) не значи да се биде без сеќавање. Затоа би рекла дека е од животно значење феминизмот да не ја ампутира женственоста. Женственоста е, пред сè, потсетување, потсетување на насилството врз жените, некогашно и сегашно, на сакатењата, силувањата, на вознемирувањата, на фемицидите.“

И токму затоа, за крај, го избрав токму овој цитат од книгата, за да нагласам дека создавањето на цртежот „Уживање“ и македонското издание на „Избришаното уживање“ на Катрин Малабу за мене се уште еден придонос кон заложбата дека нема да бидеме замолчени, дека нема да бидеме избришани, дека нема да се срамиме од нашите тела и нашата сексуалност, дека заедно и здружени ќе се бориме против сите форми на насилство и на насилие врз нас нанесено и индивидуално и институционално, и дека таа заложба ќе им ја пренесеме и на генерациите што доаѓаат.