Оружени до заби[1] – Vagina Dentata е новата книжевна едиција феминистичка литература на Тиииит! Инк.
[1] L. E. Rees, Ema. 2013. The Vagina: A Literary and Cultural History. Bloomsbury Academic, New York.
Митот за Vagina Dentata е архаичен мултикултурен феномен и е дел од митологијата на мноштво архаични култури. Од антиката и средновековието до денес постојано е оживуван во многу наврати со цел демонизација на пичката. Да, на пичката, без цензура, но со отпор на обвивање на зборот во слоеви срам и отпор за негово користење исклучиво преку латинските означители како подобни и удобни за јавниот дискурс.
Vagina Dentata е табу тесно поврзано со анксиозноста од кастрација на фалусот. Табу што со милениуми служи да го перпетуира стравот од женските гениталии. Пичката е табу и има моќен, речиси свет тотемски статус. Конечно, Vagina Dentata е орален индивидуален орган кој има свој глас што е поттик на многу мизогини практики во културата на секое поле, и физички и психолошки, т.е. духовни забрани, сакатења, замолчувања…

Овде решавам да ја користам понатаму латинската употреба со сиот симболички товар на Vagina Dentata, со цел имаскулинизација и кастрација, ампутација на доминантниот фалусен предзнак во секоја сфера на живеењето, а во случајот во однос на културата, уметноста, филозофијата и теоријата. Иницијативата на воведување книжевна едиција со овој наслов е своевиден контрапункт на практиката на одбивање, занемарување и недавање поддршка за продуцирање на феминистичката теориска литература преведена на македонски јазик.
Надоместувајќи ја празнината од теориски и филозофски феминистички текстови, оваа едиција се спротивставува на практиките на замолчување и сакатење и жестоко ќе го чува своето место. Оваа забеста вагина зад којашто ќе се продуцира феминистичка литература и критичка теорија не е насилна. Напротив, својата снага и кувет ќе ги крепи преку продукцијата на знаење, споделување, отворање простор за размена на мисли и разговор – практики преку кои таа ќе се бори за подобро и поеднакво мирно, но вибрантно утре.
Јана Коцевска, уредничка на едицијата
*дизајн на лого на едицијата Теано Кардула