Повикот е отворен за најмногу 4 (четири) локални уметници, практичар(к)и или културни работничк/ци, од различни дисциплини, кои имаат искуство на работа на независната културна сцена од најмалку 3 години.
Школата за феминистичко драматуршко размислување – дел од програмата на Платформата за изведувачки уметности ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИНДИНИ 5.0 на Тиииит! Инк, е иницирана за да придонесе кон надоместување на недостатокот од формално образование од областа на современите изведбени практики. Школата им нуди можност на уметниците, практичар(к)ите и културните работничк/ци кои доаѓаат од различни дисциплини – театар, перформанс, танц, визуелни уметности, филм, музика, литература, критичка теорија, архитектура, а се активни на локалната независна културна сцена, да се здобијат со теориски и практични знаења за развој на авторски и/или колаборативни дела низ феминистички драматуршки пристапи, кои не само директно референцираат феминистички теми и преокупации, туку неизбежно ги редефинираат творечките процеси.
Водени од позитивните искуства од минатогодишното издание на школата, годинава интерактивната програмата за учење и одучување како серија работилници и/или предавања на Билјана Радиноска, Tea Hvala и Stellan Veloce ја организираме од 30-ти ЈУНИ до 7-ми ЈУЛИ на падините на живописната планина Осогово.
Платформата ги покрива целосните трошоци за организираниот превоз и хотелско сместување за учесничк/ците.
Потребни документи за пријава:
- Кратка биографија (200 – 350 зборови)
- Портфолио – преглед на релевантни проекти (ве молиме вклучете фотографии, линкови до видеа, рецензии, медиумски објави)
- Мотивациско писмо (500 – 1.000 зборови)
Ве охрабруваме да ги испратите своите пријави на platformrff@gmail.com најдоцна до 2.6.2026. Како наслов на e-mail пораката наведете “ИФИ Летна школа_ИМЕ И ПРЕЗИМЕ_апликација” и вклучете ги во прилог горенаведените документи потребни за пријава.
Со цел обезбедување што поголема разноликост на групата учесници, која е веќе делумно формирана, посебен фокус во разгледувањето ќе биде даден на пријавите од апликант(к)ите кои работат во полето на театарот, музиката и современиот танц.
За сите дополнителни информации, ви стоиме на располагање на platformrff@gmail.com
Резултатите ќе бидат објавени најдоцна до 6.6.2026 година.
Тиииит! Инк. го здржува правото да не го исполни целосно бројот на отворени места за учество.
Школата за феминистичко драматуршко размислување се реализира со поддршка од Шведска, Kvinna till Kvinna и проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт фондот.