На 7 ноември 2026 година, во Лабораториум во Скопје, продолжува квир програмата на 14. издание на фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО, со настани посветени на квир родителствувањето, семејните односи, мајчинството и правото на личен избор.
Програмата започнува во 15:00 часот со интерактивната дискусија „Ова сме ние“, која ја води Бистра Кумбароска. Преку разговор со домашни и меѓународни гости, се отвораат прашања за различните облици на семејство, секојдневието и предизвиците на квир родителите, како и за можностите за градење семејни односи надвор од традиционалните општествени рамки.



Разговорот е и повод за најава на новата експериментална поетска книга на Кумбароска, „A Queer Big Thing Called Family“, која ја создава со Juliette, во издание на PrivatePrint.
Програмата продолжува со проекција на францускиот филм „Love Me Tender“ (2025), во режија на Ана Казнав Камбе. Филмот ја следи Клеменс, поранешна адвокатка и писателка, која по напуштањето на бракот и одлуката да живее автентично се соочува со општествените очекувања, семејните конфликти и последиците од сопствените избори.
По проекцијата, во 19:45 часот, следува дискусијата „Цената на слободата за квир жените: непослушни мајки, невозможни љубови“, со Душица Лазова, Грација Атанасовска и Благица Јовчевска.
Разговорот ги отвора прашањата за квир љубовта, родителството, личната автономија и општествените притисоци врз жените, особено очекувањето мајчинството и грижата за другите секогаш да имаат предност пред сопствените желби и потреби.
Настаните се дел од есенската програма на ПРВО ПА ЖЕНСКО #14, која се одржува под темата „Мајчинствување“.
Влезот за сите настани е слободен, а за дискусијата „Ова сме ние“ е потребна претходна пријава.
#ППЖ14 е поддржан во рамките на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Heartefact Fund.
Фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО #14 е финансиран од Шведска, Kvinna till Kvinna, Equality Fund и Global Fund for Women.
Содржината и изразените мислења се единствена одговорност на Тиииит! Инк. и не ги одразуваат нужно ставовите на донаторите.