Платформата „Испробување феминистички иднини“, создадена во рамки на фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО, претставува еден од најзначајните потфати на Тиииит! Инк. во насока на развивање и поддршка на современите изведувачки практики во Македонија. Втемелена во феминистичките вредности на рамноправност, грижа, солидарност и заедништво, платформата отвора простор за учење, соработка и создавање уметност која ги преиспитува конвенциите и ја гради сцената низ нови перспективи.

Публикацијата го документира првиот циклус на програмата, во кој беа развиени авторските перформанси „Срам“ на Ангела Стојановска и „Јовано, Јованке“ на Јована Зајкова, под менторство на Викторија Илиоска и Билјана Радиноска и со креативна и продукциска поддршка од тимот на Тиииит! Инк. Во фокусот на публикацијата се процесите на создавање, релациите на соработка без хиерархија и предизвиците со кои се соочуваат жените уметници на независната сцена.
Низ текстовите на Кристина Леловац и Биљана Тануровска – Ќулавковски, како и преку разговори со авторките и нивните соработници, изданието ја отсликува суштината на платформата – правење театар феминистички. Публикацијата прикажува како преку солидарност, учење и заедничко творење може да се создаде простор во кој феминистичките принципи се не само тема, туку и практика на создавање.
Изданието „Испробување феминистички иднини“ е достапно за читање и преземање, а неговото објавување е поддржано од Фондацијата Kvinna till Kvinna и Фондот за еднаквост.