15 хорор приказни на жени работнички | осврт

осврт на уметничка книга
CU8dCjLVRQYJCb3X5AaT

Пишува Јана Коцевска

Години после промоцијата во рамки на фестивалот Прво па женско на уметничкото книжуле „15 хорор приказни на жени работнички“ во авторство на уметницата Кристина Божурска, а издадена од Приватен Принт – чии уредници Илија Прокопиев и Марија Христова го сместуваат во категоријата на уметничко-документарен проект. Клајновското сино постојано го лови мојот поглед кон полиците на домашната библиотека, и прекрасниот дизајн кои даваат возбуда заедно со вознемирувачкиот наслов ме поттикнаа да напишам неколку зборови.

Книгата е изработена како добитнички проект во конкуренцијата на отворениот повик од 2019 година Emerging Concept Edition, со фокус на феминистичка и квир уметност и критика. Со други зборови вистински начин на поттикнување уметничка продукција којашто адресира политички и социјални проблеми – што во уметничката практика на Божурска е веќе типичен приод кон работата.

Ова авторско дело на Божурска уште во воведниот текст ни ја открива бруталната вистина за жените работнички од градот во којшто е израсната – Куманово. Инаку, покрај Штип, како центар на текстилната и кожарската индустрија во Македонија, Куманово живее со избледнатиот, пост транзициски имиџ на град во којшто оваа индустриска гранка не е во состојба да се гордее со моменталната економска ситуација. Во тој економски распад, најнезавидна положба имаат жените работнички врз чии плеќи се одржува овој експлоатирачки џин, којшто служи за профит на газдите.

Преку собраните сведоштва на жените кои се директни трпителки на овие стравични искуства, Божурска ни ја дава сликата за работничките права особено кога станува збор за пресекот жени во оваа правна димензија. Феминизацијата на професиите во текстилната идустрија го прави проблемот уште понезабележлив за властите и одлучувачите на одлуки, кои ги остава родовите стереотипи подразбирачки во смисла на тоа дека ги нормализира овие искуства како вообичаен феномен во којшто работничките се нашле по нивна сопствена вина.

 

Искуствата на работничките се следни: прекумерна работа, 30 дена работа во месецот вклучувајќи ги сите викенди и празници, правно нерегулиран работен однос, работнички пријавени на минимална плата од која се принудени за вратат дел, враќање на годишниот регрес на газдата, трпење притисок, понижување, неисплата на ветен прилив во времетраење од 3 до 4 месеци, нервоза, терор и вербално насилство од страна на газдите, неисплатлива компензација во облека наместо пари, работа во ужасни услови – претопло во лето и смрзнување во зима.

Овие 15 хорор приказни се случуваат сé уште, секаде околу нас и решението со среќен исход е едноставно недостижно. Малата утеха во продукцијата на овој истражувачко-уметнички потфат е искрата на хуман гест во којшто средствата од купување на оваа книга се доделуваат на граѓанската иницијатива Гласен текстилец – чија основачка Кристина Ампева ревносно работи со овие жени работнички и безрезервно насочено работи кон унапредување на политиките кои ги регулираат работните услови во оваа индустрија. Ве охрабрувам да ја поддржите оваа добра практика набавувајќи ја книгата на следниот линк.

Дел од приказните се преведени на албански, ромски и македонски јазик во 2021 преку иницијатива на здружението Еквалис. Во оваа акција активистките ги читаа приказните на жените работнички пред влезот на Министерството за труд и социјална политика.

tiiiitinc_logo_outline
EN

Ве ивестуваме дека на нашата страница користиме технологии како што се колачиња, за да го подобриме Вашето корисничко искуство. Кликнете подолу за да се согласите со користењето на оваа технологија на нашата страница. За понатамошни детали погледнете ја нашата политика за приватност

Дозволи колачиња

EN

Created with Fabric.js 5.2.4