По една недела помината на Осоговските планини, во духот на заедништвото, солидарноста, слободата и движењето, учесничк(к)ите на второто издание на Школата за феминистичко драматуршко размислување создадоа свој споменар – збир од впечатоци, фотографии, движења и мисли кои бележат искуство кое значи учење, одучување и грижа.
Споменарот е уреден од Душица Лазова, дизајнот и обработката е на Верица Тенекеџиева.
Преку текстови, цитати и визуелни белешки, споменарот ја отсликува енергијата на Школата за феминистичко драматуршко размислување, создадена под кураторство на Кристина Леловац, под менторство на уметниците Оља Грубиќ, Викторија Илиоска и Антониа Роветер, а во соработка со Europe House – Крива Паланка.
Прелистајте го споменарот на ОВОЈ ЛИНК.
****
—– Воведниот текст е на Душица Лазова – истражувачката, писателка и преведувачка, за „Школата за феминистичко драматуршко размислување“, дел од четвртото издание на ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ.
“How will you go about finding that thing the nature of which is totally unknown to you?”, прашува Ребека Солнит во есејот со кој ја почнува книгата A Field Guide to Getting Lost (2005). Прашањето, кое всушност ѝ го поставува еден студентка, а потекнува од филозофот Мено, ја отвора вечната дилема – како да им се препуштиме на оние нешта за кои чувствуваме дека може да бидат трансформативни кога тоа бара од нас да се впуштиме во непознатото и да се пречекаме од другата страна како променети луѓе?

Кога би напишала дека таа јулска недела помината на Школата за феминистичко драматуршко размислување нѐ промени, би звучела малку романтично или претенциозно, но она што е сигурно е дека сите дојдовме во извесна мера изгубени. Како што подоцна си признавме, во главата ни се вртеле стандардните сомнежи: Што ми требаше ова? Што барам јас тука? Како ли ќе се вклопам меѓу уметници, изведувачи, културни работници и нивните (за мене) туѓи пракси? Но и уште: Дали навистина имам време и услови да си го дозволам овој скок во непознатото покрај другите (работни) обврски; дали смеам да влезам во процес во свет опседнат со резултати; и дали воопшто ќе почувствувам нешто освен баналноста на постоењето во скршен свет? Испадна дека токму изборот (or a leap of faith) барем накратко да се откажеме од желбата за контрола, односно да ја замениме сезнајноста со љубопитност, ја претвори нашата првична изгубеност во сеприсутност. (allowing oneself) to be lost >> (becoming) fully present.
Љубопитноста е првиот контакт во нашата интеракција со светот. Како уметници, изведувач(к)и, културни работници и истражувач(к)и должност ни е да цапнуваме во непознатото – она поинакво, исклучено, одбивно, тивко и неартикулирано – не толку за да го обзнаниме колку за да им го приближиме на другите во неговата непостојана и очудена форма. Наспроти опасноста од context and meaning collapse, уметноста мора да инсистира на отвореност кон неизвесноста што со себе ја носи непредвидливото кога ги „изневерува“ нашите очекувања и ги „извисува” прифатените и зацементирани форми на разменување во/со светот. Но губењето се покажа потешко од што мислевме. За да се изгубиш, мора да престанеш да се препознаваш во дадените параметри.

Со просторот ни одеше лесно – високо на Осогово, светулките, ѕвездите и полната Месечина единствено зрачеа во ноќта; наместо во телефоните, зјапавме едни во други; наместо индивидуално, работевме во двојки и групи, испробавме разно-разни соматски формации и мисловни акробации речиси без противење. Проблемите се појавија кога се обидовме да заборавиме на времето.
Во своето преодно значење глаголот „да губи“ упатува и на загуба – „да изгубиш нешто/некого“, најчесто со негативна конотација: губиме драги предмети од немарност, неправедно ги губиме саканите, губиме услови за добар живот како резултат на социјална неправда, губиме надеж, итн… Меѓутоа, загубата понекогаш се случува своеволно, кога решаваме дека ќе изгубиме, односно ќе напуштиме/отпуштиме (letting go) нешта коишто повеќе не ни служат или сме ги надраснале. Ваквото „губење“ нѐ враќа наназад во времето зашто нѐ тера да го од(на)учиме минатото. Тие неколку дена, на работилниците изгледаше како да ја тестираме еластичноста на сопствените граници. Одевме назадечки, одевме цик-цак, одевме со затворени очи учејќи како да забавиме, да се вдомиме во дезориентираноста, да ги повторуваме истите вежби одново и одново додека не станаа ритуали (при што секое повторување имаше различен, сингуларен интензитет) и да се ускладиме со потребите и способностите на другите со тоа што ги олабавивме сопствените без да ги изневериме (верувајќи на слепо дека некој/а ќе го ублажи нашиот слободен пад).

Грижата не значи да успориш за да бидеш внимателна, туку да го следиш (колективниот) ритам што ти се укажува, сум запишала во тетратката. Испробувавме: додека ги повторувавме, цитиравме и надополнувавме меѓусебните движења и зборови, развивавме изведувачки јазик во кој времето се превиткуваше пред нашите тела и присуство – а не обратно – и се обидовме да ја замислиме оваа пракса наспроти времето проголтано во проекти, повици, рокови и апликации… Процесот на губење бараше да кореографираме одговори во контрадикција. Но, дали сето ова беше само едно големо губење време? Колку беа успешни нашите обиди да се биде во процес без да се проектира во мракот?

Откако си дозволивме да го отпуштиме непотребното и да истресеме по некој стегнат чвор од телото, конечно бевме спремни да се изгубиме во непознатото. Научивме дека и покрај желбата за спонтаност, губењето е свесно направен избор во кој решаваме да го повикаме и да се отвориме кон новото. На македонски, „да губи” уште значи и „да доживее пораз”, а што е неуспехот ако не привремено застранување од очекувањата? И колку често баш кога ќе застраниме ја сфаќаме убавината во враќањето кон себе и групата, во изнаоѓањето поинакви начини што можеме да ги испробаме и да се изненадиме додека познатото ни истекува низ дланките. Низ процепите светот се шири заедно со нашите нови ориентири: повеќе да, помалку не; повеќе игривост, помалку ограничувања; повеќе љубов, помалку страв…
Она што е поважно не е каде нѐ одведе непознатото, туку како одлучивме да патуваме низ него. Овој споменар исцртува само неколку патеки и скршнувања во кои (се) губевме за да (се) најдеме.
