Тамара Ристоска, родена во 1993 година во Скопје, Северна Македонија, е филмска и театарска актерка и подкастерка. Дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2017 година и има остварено различни улоги во играни и кратки филмови. Нејзиното портфолио опфаќа главни и споредни улоги во ТВ серии, кратки и долгометражни филмови. Некои од нејзините најзначајни главни улоги се во филмовите: „New Energy“ (2024, во постпродукција), во режија на европската Shooting Star Сара Климоска; „Tina’s Problem“ (2021), во режија на Радован Петровиќ, кој ја доби наградата за најдобар филм на HollyShorts Film Festival; „Mimi“ (2020) во режија на Даријан Пејовски, прикажан на 69. издание на познатиот Филмски фестивал во Пула, Хрватска, како дел од меѓународната натпреварувачка програма; ТВ серијата „Семејството Марковски“ (2017–2019), во режија на Даријан Пејовски, чија втора сезона премиерно беше прикажана на Сараевскиот филмски фестивал; и „Обид за среќна приказна“ (2018) во режија на Лавинија Софрониевска, која ја доби специјалната награда на жирито на Бејрутскиот меѓународен филмски фестивал за жени.
Исто така, учествувала на бројни фестивали, како програмата Talent Campus на Сараевскиот филмски фестивал (2021); феминистичкиот фестивал „Прво па женско“, каде што работела со деца на изучување актерски техники (2016); филмскиот фестивал „KRAFFT“, како дел од програмата ReActing as a Star; и Drimshort Film Festival, како член на жирито на студентската програма. Таа е членка на Slavic Artist Management, агенција за таленти која застапува изведувачки уметници од поранешна Југославија и Балканот.
Покрај филмското искуство, има настапувано во шест театарски продукции на Македонскиот народен театар, Драмски театар – Скопје, како и во други алтернативни и неинституционални претстави. Освен актерството, Тамара е и водителка на подкастот на Europe House, во кој разговара со познати македонски уметници за различни теми поврзани со изведувачките уметности и уметноста воопшто.