Јана Коцевска дипломирала на Институтот за етнологија и антропологија во Скопје. Основачка е на Здружението за промоција на женската активност „Тиииит! Инк“ и е една од основачките на феминистичкиот фестивал „Прво па женско“. Исто така, таа е една од основачите на ЦИНИК – Центарот за истражување на национализмот и културата. Во изминатата деценија активна е на независната културна сцена низ неколку позначајни настани и фестивали меѓу кои КРИК – Фестивалот за критичка култура во Скопје, во организација на „Контрапункт“, потоа скопскиот Викенд на гордоста, книжевниот фестивал „Друга приказна“ во организација на Темплум и други. Во моментот е претседател на Управниот одбор на Културно социјалниот простор Центар Јадро – мешовита установа од областа на културата и преку нејзината заложба во независниот културен сектор, застапува за унапредување на условите во кои се создава и развива независната културна сцена како клучен актер во формирање на културните политики на едно општество. Коцевска има уредничка улога на бројни публикации и списанија, а од 2024 година е главна уредничка на книжевната едиција „Vagina dentata“ во рамки на Тиииит! Инк. Се интересира за феминистички практики во културата и уметноста, како и родовите перспективи во теоријата, политиките и секојдневнието.