Платформата за изведувачки уметности „Испробување феминистички иднини“, иницирана од Тиииит! Инк. во 2021 година, претставува простор за истражување, продукција и поддршка на современи изведувачки практики на локалната независна културна сцена. Таа има за цел да го надомести недостатокот од формално образование во ова поле, истовремено отворајќи услови за развој на авторски и соработнички уметнички дела.
Од 2024 година, во рамки на платформата се развива и Школата за феминистичко драматуршко размислување, како клучен едукативен сегмент. Школата им овозможува на локалните уметници пристап до теориско и практично знаење за развој на современи изведувачки дела преку феминистички драматуршки пристапи. Овие пристапи не се ограничуваат само на директно третирање на феминистички теми, туку суштински ги редефинираат уметничките процеси – втемелувајќи ги во вредности како рамноправност, грижа, солидарност и заедништво.
Преку оваа програма, платформата создава континуитет помеѓу едукацијата, уметничкото истражување и продукцијата, зајакнувајќи ја локалната сцена и поттикнувајќи нови начини на колективно создавање и делување.