Тиииит! Инк. продолжува да го надоместува недостатокот од формално образование од областа на современите изведувачки практики, а во рамки на четвртиот циклус на Платформата за изведувачки уметности „Испробување феминистички иднини 4.0“, ја реализираше втората Школа за феминистичко драматуршко размислување.
Годинава програмата, во формат на летна школа, се одржа од 6 до 12 јули во живописниот комплекс на манастирот Св. Јоаким Осоговски, близу Крива Паланка. Школата на локалните уметници активни на независната културна сцена им овозможи пристап до теориско и практично знаење за развој на авторски и/или соработнички уметнички дела низ феминистички драматуршки пристапи — кои не само што референцираат феминистички теми, туку и ги редефинираат уметничките процеси, втемелувајќи ги во вредности како рамноправност, грижа, солидарност и заедништво.
Интерактивната програма вклучи серија работилници со меѓународно препознаени уметници: Оља Грубиќ (Хрватска/Словенија), Викторија Илиоска (Македонија/Германија) и Антониа Роветер (Германија). Благодарение на соработката со Europe House – Крива Паланка, учесничк(ц)ите имаа можност да се запознаат и со локалната кураторка и уметница Кирила Цветковска, како и да ги истражат пејсажите на Осоговските Планини заедно со водичите од здружението Калин Камен.
Кураторка на програмата е Кристина Леловац, а програмска координаторка Тамара Ристоска.
Програмата се реализира со поддршка на Фондацијата Квина тил Квина од Шведска и Фондот за еднаквост, во соработка со Europe House – Крива Паланка.
Видеото е изготвено од Kokos Produkcija, која преку внимателен визуелен пристап ја пренесува атмосферата, енергијата и феминистичката заедништво што ја обележаа оваа летна школа.
Погледнете го видеото и дознајте повеќе за уметничките процеси, идеите и заедничкото создавање кое ја обликува иднината на феминистичките изведувачки практики.