На 9 мај (сабота), од 11:00 до 16:00 часот, во дворот на Железничката зграда (ул. Борка Талевски 26), ќе се одржи јавниот настан „What Kind of [Cooperative] City?“, кој обединува уметничка интервенција во јавен простор, едукативна програма, музички настапи и перформативно готвење. Настанот се реализира како соработка помеѓу фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО #14 и проектот „Градот како сцена: Урбани утопии“ (City as a Stage: Urban Utopias).

Настанот има за цел да отвори простор за критичко преиспитување и колективно замислување на градот како заедничко добро, преку кооперативни модели, солидарни практики и одржливи урбани визии, како дел од поширока иницијатива за истражување женски кооперативни модели и нивниот потенцијал како одговор на современите општествени и урбани предизвици и е дел од будењето на киното во Железничката зграда, а со него се отвора и фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО #14.
Програмата започнува со презентација на резултатите од работилницата „Glimpses of a Cooperative Future for a World in Distress“, реализирана од Ана Џокиќ и Марк Нилен (STEALTH.unlimited), како дел од тридневен процес на заедничко истражување, мапирање и замислување кооперативни модели на живеење, работа и грижа. Во рамки на овој сегмент ќе се одржат воведни обраќања, презентација на заклучоците од работилницата и отворена дискусија со публиката.
Целосната програма на настанот вклучува:
– музички настап на Летечки Пекинезери
– DJ сет на Disco Ninja
– детска креативна работилница „Creative Play“ (концепт: Доротеј Нешовски), која преку заедничка игра на деца и родители поттикнува размислување за јавниот простор и иднината на градот
– перформативен настан „We Lunch in Solidarity“, кој ги поврзува готвењето, заедништвото и јавниот простор
– презентација на занаетчиско пиво од БАК Пивара

Настанот е дел од програмската линија RE-USE #3 – сценографски интервенции во јавен простор како алатка за градење еколошки иднини (урбани утопии), во рамки на проектот „Градот како сцена: урбани утопии“, кој се реализира во периодот мај – ноември 2026 година, во рамки на Лабораторијата за перформативни просторни практики.
Проектот се реализира во соработка помеѓу повеќе локални и меѓународни партнери, меѓу кои: Гете-институт Скопје, Архитектонски факултет – УКИМ, ZK/U – Центар за уметност и урбанизам (Берлин), Floating University (Берлин) и Тиииит! Инк. (Скопје), како и со учество на низа уметници и колективи од регионот и Европа.
Активноста е поддржана од Гете-институт Скопје, имплементирана од Heartefact Fund во рамки на швајцарската програма Culture for Development, како и од Kvinna till Kvinna и Амбасадата на Шведска.