Ослободување на потиснатите женски искуства

Со фокус врз архивски снимки, филмската програма на ППЖ 9 е автентично, непредвидливо и контемплативно патување низ женското искуство.
81iIFSb2OtnDRf2SNRoC

Со фокус врз архивски снимки, филмската програма на ППЖ 9 е автентично, непредвидливо и контемплативно патување низ женското искуство. Четирите експериментални филмови продираат во прашливите архиви и без страв вадат на виделина потиснати истории. Затоа, во рамки на програмата, камерата оваа година служи за преземање на јавниот простор и дискурс и со тоа за длабоко промислување на стварноста, историјата, системите на моќ, и погледите на и кон жената. 

Фестивалското филмско патување започнува во семејните архиви на уметницата Рут Хофлих. Учеството на нејзините предци во вештерски судења било премолчувано со векови, а доказот за траумата се наоѓа единствено во семејните архиви.  Во „Растение (836 страници, 33 денови)“ Хофлих и мајка ѝ тргнуваат од нивниот приватен простор, но откриваат приказна која отвора важни прашања за темелите на модерниот западен свет, игнорираните колективни злосторства и заташканите женски искуства. Филмот е одличен вовед во годинешната програма, започнувајќи го храброто откопување и пречитување на историјата.

Во „Камерадин“, уметничкото дуо Допелгангер Колектив покажуваат како колективните вредности и очекувања ја ограничуваат индивидуалната слобода. Филмот е колаж од Југословенски филмски сцени со Милена Дравиќ во кои таа има стереотипна улога (мајка и домаќинка). Заробена е на филмското платно пред антагонистичка публика и нејзините обиди да се ослободи од репетитивното секојдневие се неуспешни. Во центарот на овој налудничав колаж е сцена од „В.Р.: Мистерии на организмот“ во кој пресечената глава на Дравиќ изјавува: „Другари, јас ни сега не се срамам од моето комунистичко минато.“ За протагонистката, овој извадок од превратниот филм на Душан Макавеев е потсетник за слобода, но и за разочарувањето од комунизмот чија идеја за еднаквост не се применила целосно во пракса. „Камерадин“ зборува за односот и погледот кон жената на овие простори – Колку се тие навистина сменети од комунизмот до денес и колку во доминатно патријархални општества воопшто постои интерес за промена?

Третиот филм на програмата се надоврзува на идејата на „Камерадин“, но остава погорчлив вкус по гледањето. Систематското банализирање и објектифицирање на жената води кон згрозувачки и страшни последици. Па така, филмот на Џиоти Мистри со болна иронија кажува дека „причина за смрт е жената“. Мистри обработува тема која е особено релеватна за денешното македонско општество каде секојдневно ја сведочиме апатичноста на голем број државни институции кон родово базираното насилство. Преплетувајќи стари етнографски снимки со морбидни анимации, „Причина за смрт“ е моќен крик против патријархалната опресија и фемицидот, а со ритмичноста и поетичната нарација од Напо Машеане, филмот повикува кон гневен и растреперувачки танц во име на слободата и правдата. 

Крајот на ова бурно филмско патување е „Земја женска“ на Кортни Стивенс – колекција на аматерски патописни снимки направени од повеќе жени меѓу 20те и 40те години од минатиот век. Искрениот и љубопитен наративен глас на Стивенс нежно го води гледачот низ медитативно патување и поттикнува индивидуално запознавање со погледите и искуствата на снимателките. Филмот го враќа местото на овие снимателки во историјата на документарниот филм и ја покажува жената во активна истражувачка улога. Тој исто така опфаќа повеќе теми меѓу кои женскиот поглед, екофеминизмот, феминистичката историја, и критиката кон империјализмот и капитализмот.

Секое од овие дела на различен начин охрабрува општествени промени и ја проширува перцепцијата за женското искуство. „Растение“ и „Земја женска“ се нежни и трпеливи во својот пристап, но прават храбро пречитување на женската историја. „Камерадин“ и „Причина за смрт“ пак можеби делуваат песимистично на прв поглед,  но без влакна на јазикот освестуваат за клучни аспекти на односот на заедницата кон жените. Иако сите користат архивски снимки и имаат тематски преклопувања, четирите филмови се уникатни сами по себе и ја потврдуваат темата на филмската програма – „Ова не е сон за заеднички јазик, туку за моќна и неверна хетероглосија“. 

Филипа Сара Попова

*Во соработка со Tiiiit! Inc., рецензентките имаа можност да ги погледнат филмовите селектирани за филмската програма „Ова не е сон за заеднички јазик, туку за моќна и неверна хетероглосија“, курирана од Кумјана Новакова, на „Прво Па Женско“ 2021. Ова е една од напишаните рецензии.

tiiiitinc_logo_outline
EN

Ве ивестуваме дека на нашата страница користиме технологии како што се колачиња, за да го подобриме Вашето корисничко искуство. Кликнете подолу за да се согласите со користењето на оваа технологија на нашата страница. За понатамошни детали погледнете ја нашата политика за приватност

Дозволи колачиња

EN

Created with Fabric.js 5.2.4