Реакција на Платформа за родова еднаквост: Фемицидите се производ на молкот на општеството и недовербата во институциите

ITmPsztuWWvBXq0Xevv0

Фемицидот на 46-годишната жена од Неготино ја дополнува поразителната статистика според која повеќе од 80% од жртвите во земјава претходно не пријавиле насилство во надлежните институции. Непријавувањето на насилството и несоодветното постапување на институциите во случаи со семејно и родово базирано насилство директно ја зголемуваат веројатноста насилството да кулминира со убиство. Фемицидот, како една од најчестите причини за прерана смрт кај жените на глобално ниво, во најголем број случаи е предизвикан од страна на лице со кое жртвата е или била во партнерски однос, како и во случајот на неготинчанката која почина откако нејзиниот партнер брутално ја претепал.

Ненавременото и несоодветно постапување на надлежните институции и правосудни органи директно влијае на високиот степен на недоверба кон овие институции, што придонесува жените и девојките да бидат демотивирани или да се плашат да го пријават насилството. На тоа се надоврзува ниската свест кај граѓаните дека секој има обврска да пријави насилство, притоа доминантниот став е дека пријавување насилство од позиција на трето лице претставува мешање во туѓиот живот.

И покрај тоа што новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство беше донесен пред повеќе од една година, сè уште не се усвоени сите подзаконски акти и оперативни процедури неопходни за негова успешна имплементација. Фемицидот сѐ уште не е препознаен како посебно кривично дело во нашиот Кривичен законик, како потежок облик на убиство кога е сторено при вршење на семејно насилство. Сепак, најголем проблем не е легислативата, која последниве години се усогласува со меѓународните стандарди, туку нејзината несоодветна имплементација од страна на надлежните институции.

Секоја трагична смрт на жена само зашто е жена нѐ остава со горчливото сознание дека сите напори на граѓанскиот сектор за справување со овој проблем (подигнување на свеста, поддршка за жртвите на насилство и застапување за системски промени) се едноставно недоволни ако не се придружени со поширока институционална и општествена акција. Семејното и родово базираното насилство не е приватна работа.

Очекуваме дека институциите соодветно ќе ја завршат својата работа во однос на понатамошното постапување по случајот, меѓутоа она на што овој и бројни случаи укажуваат на потребата институциите конечно да започнат да работат со должно внимание на обезбедување на соодветна и навремена заштита на жртвите, но и да ја зајакнат превенцијата од родово базирано насилство, со цел да не се случуваат вакви фатални завршници.

tiiiitinc_logo_outline
EN

Ве ивестуваме дека на нашата страница користиме технологии како што се колачиња, за да го подобриме Вашето корисничко искуство. Кликнете подолу за да се согласите со користењето на оваа технологија на нашата страница. За понатамошни детали погледнете ја нашата политика за приватност

Дозволи колачиња

EN

Created with Fabric.js 5.2.4