(10) „Години будни“ е книга посветена на првите десет години од ПРВО ПА ЖЕНСКО – фестивалот за феминистичка култура и акција, што го направи Скопје место во кое се негуваа феминистичките идеи, акции и практики. Овој десетгодишник не е дефинитивен, финален документ, туку критичко, асоцијативно, пријателско и, на моменти, носталгично осврнување на првите десет изданија на фестивалот, во кое збор земаат неговиот тим, соработничките и соработниците, пријателите и поддржувачите, од локалната сцена и од регионот.
Она што се обидовме да го направиме со оваа книга е да се осврнеме на сите различни аспекти, програми и акции на ПРВО ПА ЖЕНСКО. Книгата е поделена во две целини: првата која дава поглед од сега наназад и очекувањата за иднината на фестивалот и втората целина која е архивска и содржи материјали од создавањето на десетте изданија на фестивалот. „Години будни“ вака сака да нѐ придвижи од скромните почетоци на ППЖ, до трансформирачката моќ што овој наш фестивал ја имаше врз културната сцена и во заедницата. Преку интервјуа, лични приказни, фотографии и документи, „Години будни“ ни нуди уникатен поглед на создавањето и развојот на ПРВО ПА ЖЕНСКО.
Книгата е издадена со поддршка на Шведска и Kvinna till Kvinna Foundation, Амбасадата на Шведска, Equality Fund и The Sigrid Rausing Trust.
Сакаме да се заблагодариме на сите кои придонеле овој фестивал да биде ваков каков што е, на соработници, вечни поддржувачи и поддржувачки, другари и другарки, но и на сите кои учествуваа во изработката на оваа публикација. Неизмерна благодарност и до уредничката Марија Христова (PrivatePrint), која успеа од купот материјали собрани низ годините, да направи смисла и добар преглед на декадата на ПРВО ПА ЖЕНСКО. Благодарност и до Ариане Шпаниер и Штефи Бекер што го прифатија предизвикот и ни понудија дизајн којшто навистина е во линија со сензибилитетот на фестивалот. Ве оставаме понатаму со уредничката белешка на Марија Христова.
************************
Уредничка белешка
„Години будни“ гради заедница околу себе, слично како и фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО
Марија Христова
Кога мислам на значењата што зборот заедница ги носи со себе, никогаш прво не би помислила на Скопје и на македонската културна и општествена сцена. Барем во дискусиите со моите блиски за нив, заедницата секогаш недостигала или се исцртувала како можно решение за многу несреќни состојби во нашето општество. Особено во културата, која кај нас има мал и често изолиран простор на дејство. Од друга страна, кога мислам на Скопје и на нашата културна сцена, фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО го гледам како еден од нејзините најубави белези. Уште повеќе, кога мислам на фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО, заедницата, односно можеби е поточно мноштвото заедници ги гледам како основниот концепт и движечката сила не само за видот на програмата и застапеноста што ги нуди туку и за неговата постојаност и одржливост. И во оваа противречност, за мене, се исцртува најголемата вредност на фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО – наспроти недостигот од заедништвото, раскршеноста и недовербата меѓу културните работници, активистите и публиката на нашата културна сцена, да создаде место каде што тие ќе се сретнат и ќе се поврзат.
Фотографија на Јелена Белиќ
„Години будни“ е книга посветена на првите десет години од фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО. Во моментов, кога го пишувам овој текст, ПРВО ПА ЖЕНСКО има малку повеќе од десет години; неговото 11. издание беше реализирано во 2023 година. Оттаму, оваа книга не е дефинитивен, финален документ. ППЖ е фестивал во тек и во развој, исто како што и неговите први десет години се тек и развој. Таа е критичко, асоцијативно, пријателско и, на моменти, носталгично осврнување на првите десет години на ППЖ, во кое збор земаат неговиот тим, соработничките и соработниците, пријателите и поддржувачите, од локалната сцена и од регионот.
Уште од првите изданија, фестивалот, со намера, се врти кон пошироката заедница активисти и организации кои работат на полето на родовите прашања и цели да ги отвори во современ општествен контекст, да воведе теми што досега не биле отворени и, конечно, да воведе нов речник за нив. Со текот на годините, заедницата околу фестивалот, природно, се менува и расте. Па, следењето на фестивалските настани во текот на десетте години може да се види и како нешто како дијахронија на локалниот активизам на полето на родовите прашања. Од друга страна, разновидните форми во коишто се појавува неговата програма: дискурзивна програма, перформанс, филм, изложба, концерт, младинска и детска програма и други, се сеопфатен концепт што дополнително го проширува полето на дејствување на фестивалот и поттикнува повеќесекторски пристап. Оттаму, лесно е да замислиме дека фестивалот во својата суштина допира до широка заедница индивидуалци, професионалци и активисти, кои ги инспирираат и ги поттикнуваат неговите нови изданија.
Фотографија на Јелена Белиќ
Од оваа книга ќе дознаеме, ако тоа од претходно веќе не сме го знаеле, и дека фестивалот е изграден на основата на непосредноста на пријателството што се прелева од организаторките, кон учесничките и учесниците, до публиката и на радоста на слободната мисла, проникливиот поглед и треперливата страст кон темите на женските и малцинските прашања воопшто со која се одликува фестивалот.
Иако без намера да ја наметнува, „Години будни“, сепак, има внатрешна структура, која во себе е намерно разнородна. Во просторот помеѓу фотографскиот албум од подготовките на фестивалот и листите на тимот и благодарноста до учесниците низ годините, поставени се две главни содржински целини. Во првата целина се дава погледот од сега наназад и очекувањата за иднината на фестивалот од страна на соработничките и соработниците, кои биле дел од неговите програми. Во овој дел, можете да го прочитате прилогот од професорката Елизабета Шелева, текстот основан на разговор што го направи Клелија Живковиќ со основачките на ППЖ, Јана Коцевска, Јана Старделова и Кристина Леловац, разговори и изјави од соработничките и соработниците на фестивалот за неговите различни програми, како и изјави на соработнички од регионот.
Втората целина е архивска, „ПРВО ПА ЖЕНСКО 2013-2022 – архиви во контекст“, која ја приредив од материјалот собран во текот на создавањето на фестивалските изданија, надополнет со контекстуални делови за важни настани што ги третирала програмата или во чиј контекст се случувала, во форма на новински написи, написи на социјалните мрежи, извадоци од статии и сл. Контекстот е битен. За фестивал што работи со живата материја на горливите родови прашања отворени како последица на политички одлуки, општествени струења и случувања, како што се борбата против законот за абортус од 2013 година, македонското #metoo – #сегакажувам, женските работнички права и угнетувањето на правата на текстилните работнички, табуата за женското сексуално задоволство и здравје, различноста на родовите идентитети и многу други, тие остануваат силно поврзани со контекстот во кој се случиле. Поширокиот контекст, во оваа насока, е важен не само за да се разберат овие теми од минатите години туку да се фрли светлина и врз значењето и влијанието што фестивалот го имал во пошироката општествена дискусија за нив.
Фотографија на Јелена Белиќ
„Години будни“ сака да ни даде слика и контекст за првите десет години од фестивалот што го сакаме. Но, таа го има времето сама во себе и како во координатен систем ќе го движи напред. Првите десет изданија на ППЖ, дури и од оваа денешна перспектива, за многумина од читателите на оваа книга се случиле во време што не им е блиско, но нивната содржина, влијанието и заедницата што ја развил фестивалот можат во секој момент да бидат сегашни за нив, да бидат материјал на кој ќе се надоврзат или кој ќе го надградат.
„Години будни“ гради заедница околу себе, слично како и фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО!
************************