Четвртата и последна работилница во рамки на „Мала школа за феминистичко драматуршко размислување“ | ИФИ 3.0 беше „(Не)видливи приказни и документарен театар“ со Тјаша Чрнигој – театарска режисерка од Љубљана.
„Основната премиса на документарниот театар е дека се заснова на документи (оттука и неговото име) кои потоа или се цитираат од збор до збор или се интегрираат во изведувачките практики на некој друг начин. Ова го става во специфичен однос со реалноста и му ја дарува заложбата за постојано набљудување и промислување токму на овој однос. Во нашата заедничка работа, ќе се фокусираме на наративите кои, на пошироко општествено ниво, во голема мера се занемаруваат. Ќе се занимаваме со стратегиите на етичкото истражување, особено кога навлегуваме во „полето“ и интеракцијата со индивидуи или заедници. Ќе ги истражиме потенцијалните изведувачки процедури и стратегии на документарниот театар и ќе покренеме прашања за застапеноста/репрезентацијата – како да се претстават вистинските луѓе и нивните приказни на сцената и како таа да биде инклузивна на ниво на изведувачките стратегии.“ – Тјаша Чрнигој.

Тјаша Чрнигој е театарска режисерка која главно работи во Љубљана, Словенија. Фокусирана е на документарни и феминистички практики. Во 2021 година, таа помина пет месеци на уметничката резиденција во Cité internationale des arts во Париз. Нејзиниот перформанс Бабички (Bakice, 2020) беше дел од програмата на берлинската платформа за промоција на изведувачки дела Theatertreffen-Stückemarkt во 2022 година. Нејзиниот неодамнешен серијал од предавања-изведби, Сексуално образование II (Sex Education II, 2022/2023), се здоби со повеќе награди и гостуваше во Mousonturm Frankfurt и HAU Berlin во 2023 и 2024 година. Тјаша е добитничка на наградата Жупанчиќ (Župančič) и наградата Жени за жени (WoW Award) во 2024 година.


Прочитајте повеќе за „Мала школа за феминистичко драматуршко размислување“ на овој ЛИНК.


Фотографии на Кристијан Караџовски.
******************************
Програмата е поддржана од: Kvinna till Kvinna, Embassy of Sweden, Equality Fund, Sigrid Rausing Trust и Министерство за култура