На 23 декември (понеделник) во Кинотека на РСМ, со почеток во 19 часот, ќе се прикажува документарниот филм насловен „Земја за нас“, во режија на Карла Црнчевиќ. По проекцијата ќе следува и разговор со режисерката. Проекцијата е дел од интердисциплинарната програма на дванаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО.
Оваа критика за филмот е преземена од Kulturpunkt.hr
**************************
Пишува: Дора Сивка
Превод од хрватски јазик: Кристина Леловац
Лектура: Дејан Василевски
Документарниот филм „Земја за нас“, за истоимената заедница, е непретенциозна и искрена „лекција“ за сите што сакаат да (пре)живеат без капитализам.
„Како и секоја бајка, така и оваа почнува пастелно и соновно“, во приказната нѐ воведува глас, додека една цела филмска минута патуваме по прашлив макадам до „утробата“ на островот Брач. Тука се простира земјата на сонцето и камењата, на сувите гранки и ѕвезденото ноќно небо. Тука, својот дом, повеќе од една деценија го градат група „ни жени, ни ѓаволи“, како што ги нарекува локалното население. Заедницата Земја за нас таму живее и работи во хармонија со природата, самоодржливо, со минимум отпад и светлосно загадување. Наместо неисцрпните можности што ги нуди глобализираниот живот, оваа заедница се потпира на начелата на пермакултурниот дизајн, кои, подалеку од само разбирање на еколошкото полјоделство, опфаќаат и дизајнирање процеси, вредности и односи на заедницата. Еколошки освестена, економски и социјално правична, Земја за нас може да биде самоодржлива бајка. Но, таквата бајка не може да биде ни пастелна, ни соновна.

Земја за нас (2024), р. Карла Црнчевиќ
Документарниот филм „Земја за нас“ на авторката Карла Црнчевиќ беше премиерно прикажан на 17-тиот „Субверзив филм фестивал“ (Subversive Film Festival) во Загреб, кој оваа година својата програма ја обедини под мотото „Да се живее без капитализам“. Токму овој заеднички именител ќе го користам како идеална рамка за читање на овој филм. Без оглед на моите или нечии паратекстуални знаења за оваа заедница, што има да ни каже филмот на Карла Црнчевиќ за животот без капитализам? Многу нешта. Притоа, не е пресудно што тематизира заедницата која се обидува да опстои отаде капиталистичките „благодати“ и да биде самоодржлива. Филмот, за мене, ја одразува таа тема, бидејќи им одолева на класичните искушенија и не проповеда. Дури не ја поттикнува ни класичната „леле, и јас би сакала да пробам“ реакција. Својата форма и содржина не ги користи за да доцира и да манипулира со очекувања, со што покажува дека препознава што подразбира „животот без капитализам“ и што тој ќе значи во иднина. „Земја за нас“ е непретенциозна и искрена „лекција“ за сите што сакаат да (пре)живеат без капитализмот.
Во која форма доаѓа таа лекција? Авторката поминала низа години снимајќи ја заедницата. Се одлучила стилски да го обликува својот филм без нарација, со исклучок на поетски интонираните реченици на почетокот и на крајот на филмот, кои служат како некој вид на кратка и апстрактна експозиција. Ни ја открива рамката на приказната, но во недостаток на интервјуа и видливо режирани сцени, минатото, сегашноста и иднината на оваа заедница ги откриваме единствено преку сцените на нејзиното секојдневие, разговори и расправи. Покрај сцените на садење и берење маслинки, детски игри, чистење и средување на инфраструктурата и по некој крупен кадар на лице, раце и труд, она што доминира се сцените на состаноците на членките на заедницата. Темите на тие состаноци се сериозни, бидејќи во суштината се егзистенцијални. Поради тоа на состаноците доминира, барем кај оние што во тој момент расправаат, во најмала рака – чувството на фрустрација. Заедницата, во својата определба да живее автономно и автентично, солидарно и еколошки, се соочува со сурови надворешни притисоци. Првиот од тие предизвици е недостатокот на луѓе, поддршка и работна сила. Се насетува и сеприсутната климатска криза, кој првенствено се појавува во форма на суша и непредвидливи обрасци на врнежите.

Земја за нас (2024), р. Карла Црнчевиќ
Системот, без разлика колку ние можеме да го напуштиме, често не нѐ напушта нас, па разговорите за сопственоста, правната заштита, трудот и комерцијалните активности, се чини, предизвикуваат најмногу несигурност и несогласувања помеѓу членките. Сепак, главната оска на филмот не е ниту еден од споменатите надворешни притисоци. Оската е внатрешна и меѓупредметна и се протега над наведените предизвици. Неа Црнчевиќ ја зумира со формата, низ избраните кадри од состаноците што се повторуваат и имаат најголем емотивен набој. Всушност, она за што разговараат протагонистките е помалку важно од тоа како разговараат. Или, едноставно, тоа што разговараат. И дека често се фрустрирани. Процесите и меѓучовечките односи, тоа лепило на интроспекцијата, компромисите, емотивниот труд и заедничките визии се во прв план.
„Свето тројство“ на секоја заедница или која било група луѓе кои работат или проживуваат нешто заедно е балансот помеѓу задачите, процесите и односите. Задачите се однесуваат на репродукцијата на заедницата, на содржината, производите, резултатите и роковите. Процесите ја откриваат видливата или невидливата структура, начините и распределбата на работата и вредностите што се или не се рефлектирани во процесите. Односите се врските, почитта кон и уважувањето на другите, на нивниот труд и време. Чувството на припаѓање и дом. Тројството „односи-процес-задача“ е како статив за риболов. Затоа што се меѓусебно зависни, ако само една од трите ногалки е подолга или пократка од другите две, страда стабилноста. Основата е нарушена, се лизгаме, паѓаме или правиме колут напред. Убавината и проклетството на заедниците и колективите е таа постојано недофатлива рамнотежа, која може да се постигне на некое време, но една ногалка, порано или подоцна, повторно ќе порасне. Тоа е природна состојба на заедниците.
Каков е пристапот на капитализмот кон овој триножец? Тој систем најчесто ги нагласува задачите. Дајте ми цели, продуктивност, квалитет, испорака. Капиталистичките процеси се хиерархиски, со ригидни структури што осигуруваат брзина, ефикасност. Капиталистичките односи се бинарни, вкалапени и пропишани, темелени на односи на моќ и ги засилуваат мејнстрим групите. Еден филм, кој во суштината се нема ослободено од ваквите капиталистички наративи, можеби би избрал заедницата да ја прикаже во поинакво руво и да ги прикрие предизвиците на соживотот. Да се прикаже една заедница во време во кои „процесната“ и „односната“ ногалка на триножникот се во нескладност и тоа да се определи како оска на филмот е храбро. Храбро е зашто е застрашувачки да се гледа и да се сочувствува со непријатноста што ја предизвикуваат процесот и односите во протагонистките, па и во нас самите. А сепак, тој поглед е нужен, бидејќи е важен за разбирање на динамиките на која било заедница.

Земја за нас (2024), р. Карла Црнчевиќ
Емотивната нота на филмот „Земја за нас“ почива на процесите и односите. Притоа, Црнчевиќ нема намера да ги расчлени тие расправи, да навлезе во длабочината на она што навистина се случило, на тоа какви се историските односи на членките, кој помалку или повеќе има право, чиј глас најмногу се слуша или нешто друго што би ја оправдало или би ја осудило која било учесничка во расправата. Таквата заднина во моментов, за гледач(к)ите и аутсајдер(к)ите од заедницата, е секундарна и со право не се открива. Иако знаеме дека сите овие аспекти на групната динамика ги обликуваат овие емоционални јазли и затоа се важни, не сакаме да ги откриваме низ овој филм. Сакаме да гледаме во тој јазол и да увидуваме колку се исцрпувачки процесите и односите, а колку се нужни. Тој поглед е клучен дел на вистинскиот отпор против капитализмот, без разлика дали со своето дејствување ги уништуваме експлоататорските претпоставки и услови на системот и/или паралелно создаваме нови вредносни простори и практики, со што „Земја за нас“ експериментира веќе една деценија.
Она што го исчитувам од филмот, со оглед на кадрите што се избрани, е дека во даден период заедницата потенцијално страдала од „тиранијата на недостаток на структура“ (tyranny of structurelessness), феноменот идентификуван од феминистката Џо Фриман (Jo Freeman). Им се случува на колективите кои во својата срцевина и намера се хоризонтални и „без водачи“, наспроти „високопродуктивните и функционални“ хиерархии. Тие, со практикување процеси на носење одлуки како директна демократија, се обидуваат да ги решат нееднаквите односи на моќ што ги среќаваме во класичните вертикални структури. Сепак, тоа не ја спречува појавата на односи на моќ дури и во најнеформалните и – во теоријата, најхоризонталните колективи. Динамиките и моќта секогаш ќе постојат, но ќе бидат притаени, ќе се кријат зад „недостатокот од структура“. Токму затоа, за структурите, процесите и динамиките на моќ мора да се разговара отворено, како што гледаме дека „Земја за нас“ јасно и се обидува. Затоа што тие разговори се тешки, можат да се случат, за што и сведочиме и во сцените во филмот, напорни и долги состаноци што навидум се вртат во круг и физички, психички и емоционално ги исцрпуваат протагонистките. Заедниците градени врз првенствено блиски односи можат да паднат во замката на очекување дека квалитетни дискусии и процеси „ќе се случат сами од себе“, бидејќи односите се добри. Токму блиските приватни односи меѓу членките понекогаш ја маскираат потребата за јасно договорени, транспарентни и промислени процеси.

Земја за нас (2024), р. Карла Црнчевиќ
За среќа, постои низа алатки и вештини што придонесуваат кон здрави и вклучувачки процеси и во исто време ги негуваат односите – вештина на фасилитирање состаноци, следење агенди и време, методи на одлучување со согласност (социократија), ненасилна комуникација во расправите, трансформација на конфликти или теорија на „водени движења“ (leaderful organizing). Сите овие компетенции не им се вродени на некои талентирани индивидуи, ами се учат исто како што се учи која било вештина. Тоа е пермакултурниот дизајн. Подалеку од еколошкото производство и разбирањето на природните процеси, пермакултурното начело подразбира постојана работа на себеси, на групата и на заедничката цел и визија за заедницата. Токму тоа се вештините што мораме да ги научиме за во иднина. Таквата иднина без капитализам ја гледам како помалку или повеќе постојан процес на расправање и позиционирање, прифаќање аргументи и контрааргументи, како и експериментирање и реконструкција, како на единката во однос на заедницата, така и на заедницата во однос на своите членови. Ја гледам и во кадрите со кои Карла Црнчевиќ одлучила да ја претстави „Земја за нас“.
Најпосле, како тие кадри дејствуваат на гледач(к)ите? Обесхрабрувачки или возбудливо? Вреди ли да се проба нешто слично, со јасна идеја за тоа колку нерви и труд би биле потребни? Мора да вреди. Во постапокалиптичното општество, обликувано од климатските и економските кризи и глобалните судири, можеме да преживееме единствено во заедница која има свест за себеси, за своите членови и за соодносот на сите други битија на планетата. Гледам заедница која, како и „Вештерките од Брач“, ги разорува експлоататорските делови на системот, потпирајќи се на оние што, во транзицијата, сè уште можеме да ги користиме. Обидите за утопии или оптимални проекции не би требало претерано да се романтизираат. Задачите, процесите и односите се тешка и секојдневна борба. Најпосле, како и авторката на „Земја за нас“, претпочитам да избирам реална претстава за вештините што сакам да ги негувам за во иднина, таква лекција посакувам. „Пеколот, тоа се другите“ би рекол Сартр. Но, во светот во тек или по капитализмот… да бидеме едни без други? Па, тоа би бил вистински пекол. Претпочитам реалистична бајка, не мора да биде пастелна и соновна.
Објавено на 19.06.2024 на https://kulturpunkt.hr/kritika/preko-trnja-i-zvijezda-do-zemlje-za-nas/