Ве покануваме на прошетка низ самостојната изложба на Христина Иваноска „Џинови и снегулки“, низ која ќе ве води авторката оваа сабота 11.01.2025 со почеток во 12:00 часот во Музејот на РС Македонија.
Оваа изложба е дел од интердисциплинарниот проект „Архиви на невидливите“ во чии рамки соработката помеѓу Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК), Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ и Иваноска се продлабочува и развива низ подолг временски период. Аспектот на проектот којшто го разработува Иваноска во својата уметничка практика кулминира во оваа последна изложба која нѐ придвижува низ темпоралните концептуални целини, а со тоа нѐ потсетува да бидеме свесни дека сеќавањето за Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) во Македонија и списанието „Македонка“ како орган на АФЖ, не смееме да го сведеме на сентиментално ламентирање, туку дека од таа акумулирана содржина и знаење треба да излеземе со идеи за непредвидливите идни времиња.
Славчо Димитров во текстот за изложбата вели: „Иваноска критички пристапува кон фактот дека политичката субјективизација на жените низ АФЖ и Македонка е подривана со инсистирањето, одржувањето и репродукцијата на традиционалните вредности, капацитети, место и карактеристики на жените, дека од чинители на политичката субјективизација, со текот на годините, жените се претвораат во потчинувачки на сопствените тела и телата на младите, како и дека женската сесксуалност, сензуалност, копнежи и задоволство остануваат целосно отсутни од еманципаторскиот дискурс на АФЖ.“
Насловот „Џинови и снегулки“, реферира на истоимената поема од книгата поезија „Егејска барутна бајка“ на писателот Славко Јаневски објавена во 64-тиот број на „Македонка“ од 1950 година.
Оваа изложба е дел од проектот „Архиви на невидливите 3.0“ во организација на Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) и е дел од 12. издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“. Проектот е поддржан од Фондацијата Хајнрих Бел, Министерството за култура на Република Северна Македонија, Equality Fund и Sigrid Rausing Trust.
Водењето е отворено за секој што е заинтересиран и ќе ни биде драго доколку ни се придружите, а секако би ни значело и доколку се пријавите на следниот формулар за присуство за полесна комуникација: https://forms.gle/xDPYtDyy5iw72ZDm7
Место: Музеј на Република Северна Македонија, адреса: Јосиф Михајловиќ, бр 7, Скопје
Контакт: 075 299 877 или cinikskopje@gmail.com
Фотографија: Роберт Јанкулоски