Паркот „Жена борец“ е изграден по земјотресот во Скопје во јули 1963 година, како меморијален простор за сеќавање на жените кои учествувале во НОВ и револуцијата. Паркот е исто така замислен како зелена оаза во центарот на градот кој изобилува со висококатници, прометни улици и градска врева. Лоциран во скопскиот Центар, помеѓу Градскиот трговски центар и Собранието на Република Северна Македонија, овој меморијален зелен простор со текот на години го изгуби своето примарно значење, и на него се реферира со едно обично испразнето од значење „жена парк“.
Паркот Жена борец е лесно пристапен отворен и зелен простор – или се обидува да опстои како зелен. Граничи со две главни сообраќајници, ул.11 Октомври и ул.Филип Втори Македонски, додека со својата местоположба се наоѓа помеѓу Градскиот трговски центар, Градска болница – Јавна здравсвена установа – Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, Собранието на Република Северна Македонија и Порта Македонија.

Овој парк бил планиран и дизајниран во рамки на просторното планирање на градот Скопје по катастрофалниот земјотрес во јули 1963 година. Бидејќи во центарот на градот недостасувал простор со зеленило, овој парк бил замислен како зелена оаза во центарот на Скопје. Освен што имал функција во секојдневието како шеталиште во централното урбано подрачје, овој парк е всушност замислен како меморијален простор кој има за цел да го одбележи учеството на жените во Народно ослободителната борба и револуцијата 1941 – 1945 година, во која загинале вкупно 306 жени. Официјално во НОБ учествувале 5752 жени, 141 жена се носители на Партизанска споменица 1941 година, а 7 од нив биле прогласени за народни херои и тоа Вера Ацева, Оливра Јоциќ, Елпида Караманди, Фана Кочовска – Цветковиќ, Мара Нацева, Естреја Овадија – Мара и Ибе Паликуќа. Во 2012 година, секцијата на жени борки во рамки Градскиот одбор на Сојузот на борци во Скопје, упатиле барање до Град Скопје во кое се бара да се уреди просторот околу овој споменик и да се стави една плоча со име и презиме на седумте жени народни херои, меѓутоа сѐ уште не е преземено ништо по однос на ова барање.
Во паркот има уште еден споменик кој го одбележува учеството на жените во НОБ, а тоа е споменикот посветен на Невена Георгиева Дуња (25 јули 1925 во Скопје — 16 декември 1942 во Нежилово). Оваа девојка со партизанско име Дуња, била членка на СКОЈ (Сојузот на комунистичката младина на Југославија) од 1941 година и била активна во разнесување на информативни летоци и илегален материјал. Во 1942 година се приклучува во велешкиот партизански одред и учествува во сите вооружени судири на одредот. Загинала од фашистички рафал по неколку часовна борба кај село Папрадиште. Во наративите се опишува дека иако веќе мртва, Георгиева-Дуња била масакрирана и нејзината глава била јавно прикажувана низ велешките села за заплашување на населението.


Денес овој споменик го снајде истата судбина како и несреќната херојка Дуња, придружните делови од концептуалниот апстектен споменик и распарчен, или поточно „среден“ во урбанизирана језа како резултат на „проникливата-практична“ идеја на некој генијалец што држи работно место во Град Скопје. За него не постои ни Завод на заштита на споменици, ниту пак Сојуз на борци. Сигурно му се полни срцето кога на импровизираните клупички скроени со помош на елементи од споменикот, седат пензионерите со своите вници на починка.
Паркот „Жена борец“ се создавал во доцните 60ти години, а во 1970 година на 25 годишнината од прославувањето на Меѓународниот ден на жената во Југославија, на 8 Март комплетно и официјално се завршува изградбата со откривање на споменикот „Жена борец“ на скулпторот Боро Митриќески, скулптура во апстрактна форма изработена од бел мермер. Идејното решение за паркот е на Мира Халамбек Вензлер, експертка за хортикултура и пејзажна архитектка од Загреб, Хрватска, која ја добива првата награда на натпреварот за изградба на нов парк во центарот на Скопје.


Опишувајќи го како предизвик проследен со ограничености и специфичности, Халамбек Вензлер истакнува дека можностите за меморијална порака во обликувањето на зелените простори на градот се големи и креирањето на меморијална содржина не се сведува само во следење на скулптурално-архитектонски израз. Таа потенцира дека парковите во еден град може да бидат и автономен облик на креативното споменично обележје каде за примарна задача во обликувањето на овие простори, за појдовна точка не се зема ликовниот израз туку содржаен и оптимален облик на поврзување на меморијалните елементи и секојдневниот живот на градот. Токму тоа е содржано во оваа градска зелена оаза – во паркот „Жена борец“. Меѓутоа, со воведување на проектот Скопје 2014 во овој парк, ваквата споменична хармонија се нарушува.

Во поглед на урбан јавен простор и архитектура на Скопје му се случуваат две трауми. Eдната е земјотресот во 1963 – кој го спомнавме погоре, а другата е проектот „Скопје 2014“, кој започна во 2010 со мегаломански и маскулинистички подвиг на насилно градење на историски и политички наратив во центарот на Скопје, преку кој серизно се измени изгледот и значењето на паркот „Жена Борец“ кој денес веќе постепено го губи првичното меморијално значење.
За паркот рекоа: „Споменикот на Жената борец се изгуби во паркот на Жената борец“, „Во рамките на проектот „Скопје 2014“, во Паркот на жената борец пред Градскиот трговски центар, се поставени повеќе споменици. Тие го „засенија“ главниот споменик, по кој паркот го носи името. По нив се дадоа огромни средства, но никому не му текна да го заштити споменикот што ја чува нашата историја.“