Пишува Јана Коцевска
Жените и електронската музика
Има многу извонредни нераскажани приказни за женските пионери на електронската музика, композиторите кои ги прифатиле машините и нивните ослободителни технологии за целосно да го трансформираат начинот на кој произведуваме и слушаме музика денес. Ваквите светли примери ја мапираат новата историја на електронската музика преку жените визионерки чии радикални експерименти со машините ги редефинирале границите на музиката. Веќе ни е добро познато дека жените се аисториски субјекти. Историјата на жените е историја на тишина. Музиката за жал не е исклучок.
Со поширокиот општествен, политички и културен контекст на 20 век архивите ни кажуваат дека жените вклучени во светот на електорнската музика нудат единствена борба за еманципација, враќајќи ја централната улога на жената во историјата на музиката и општеството во целина.
Како се откриваат полека овие архивски светли примери за жените во електронската музика, се соочуваме со приказни за критичната, но малку позната улога на женски пионери во овој музички свет.

Бројките кажуваат сé
Анкетите кои се спроведуваат почнувајќи од 2012 година, во рамки на континуираниот проект The female:pressure FACTS ја покажуваат родовата распределеност на артисти кои настапуваат на музичките електро фестивали низ целиот свет. Од запрепастувачки ниската бројка од 9% во 2012, денес учеството на жените артистки и диџејки на овие фестивали во светот е покачено на скоро 27%. Во текот на изминатата деценија, FACTS откри пораст на процентот на женски дела од 9,2% во 2012 година на 30,0% во 2023 година. Податоците за небинарни уметници покажуваат зголемување од 0,4% во 2017 година на 3,3% во 2023 година.
Извештајот Women:pressure FACTS е континуиран проект преземен од волонтерски членови на мрежата Women:pressure за квантифицирање на родовата дистрибуција на уметниците кои настапуваат на фестивали за електронска музика ширум светот. FACTS 2024 е шестото издание на извештајот, кој првпат беше објавен во 2013 година, а ажуриран во 2015, 2017, 2020 и 2022 година.

Од глобално – на локално
Првите диџејки DJ Strawberry и Ана Банана. Позади алијасот DJ Strawberry стои Јулија Бојкова Божиновска, а нејзината пријателка е Ана Бакалинова. Приказната за нив почнува секако со радиото. Јулија и Ана се колешки како едни од првите девојки кои имаат авторска емисија на независното радио Канал 103. Периодот во којшто овие две девојки создаваат музика се бурните 90ти години – за скопската електронска сцена тоа се едни од највозбудливите периоди на клупската култура.
Постои една временска празнина на жените на клупската сцена овде, но полека во последните десетина до 15 години тоа се менува. Главно јадро околу кое се привлекуваат жените заинтересирани за музика е повторно култното радио Канал 103. Многу од диџејките активни денес своите почетоци во диџејството ги почнуваат токму во оваа бездимензионална студиска црква, сместена во зградата на Македонската Радио Телевизија.
Сцената денес за наша среќа е документирана во филмчето на Калиа Димитрова, со наслов „Заедно: Сложни жени диско градат“ – колку убаво тоа звучи. Филмот нè запознава со животот, развојот, меѓусебните врски, соработки, препреки и борба за егзистенција пред, и за време на, здравствената криза на неколку клучни фигури од културниот живот на градот Скопје, диџејки и диџеи на чии сетови се чувствува(в)ме најслободни, безбедни и свои, а чија работа беше целосно оневозможена за време на снимањето на филмот. Еми Ермилова, Соња Исмаил, Вера Вендета, Ивана Драгшиќ, Илина Ангел, Ана Мало и Зоки Бејбе, зборуваат за своето минато и за иднината на оваа професија.
Заедно е истражувачки, пријателски, документарен филм, кој е плод на соработка помеѓу Феминистичката платформа Медуза и Visual Anthropology Center /VAC/ а тргнува од претпоставката дека делувањето на жени и квир лица во доминатно машки простори, каков што е и доменот во нашиот фокус, (може да) ги промени постоечките услови и релации и создаде нови.

Можност за развој на диџејските вештини кај девојките
Тиииит! Инк. ги охрабри сите девојки, жени и не-бинарни луѓе кои се заинтересирани да ги развијат своите диџејски вештини да се пријават на работилница за диџејство којашто ја организираше во рамки на единаесеттото издание фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО. Интересот беше огромен, и вкупно 10 девојки поминаат интензивни часови со добропознатите скопски диџеи Diah и SoulCase. На крајот беше организирана завршна журка каде жените позади алијасите DJ Cile, Baby G, Jana, Ex_Urbe, IMANYAM, Jinx, r3dc0de и triptowhere ни ги покажаа своите магични моќи.
Прекрасно е чувството да се помине низ еден ваков процес…
