Still од видеото „Црвена, да не постоеше, ќе требаше да те измислиме“ (2021), р. Милица Ракиќ. Извор: МСУ, Загреб
Превод од хрватски: Ангела Грозданов
*преводот на интервјуто е дел од програмата за практична настава во Тиииит! Инк. на студентката Ангела Грозданов (Институт за етнологија и антропологија)
*разговорот го води Ника Петковиќ, а интервјуто е преземено од kulturpunkt.hr
Со Милица Ракиќ разговараме за делото „Црвена, да не постоеше, ќе требаше да те измислиме“, кое се фокусира на прашањето за женската еманципација во повоена Југославија.
Како дел од шестото издание на Кинематографија на отпорот, заеднички проект на Музејот на современа уметност и Subversive film festival, просторот Black Box во рамки на МСУ беше домаќин на изложбата на белградската уметница Милица Ракиќ со наслов “Црвена, да не постоеше, ќе требаше да те измислиме”. Милица Ракиќ во своите дела го комбинира влијанието на јазикот и културата врз формирањето на идентитетот, толкувајќи ги идеолошките кодови во историски и современ контекст. Докторирала на Факултетот за ликовни уметности во Белград, а своите дела ги претставила на триесет самостојни и повеќе од четиристотини групни изложби во Србија и ширум светот.
Изложбата во МСУ беше повод за дискусија поврзан со концептот на изложбата, како и за истоименото видео дело во кое, испреплетувајќи ја фиктивната и документарната нарација, авторката евоцира лични и колективни спомени од минатото, обоени со идеологија, преку нагласен феминистичко-политички дискурс.
Централниот дел на изложбата “Црвена, да не постоеше, ќе требаше да те измислиме”, го зазема истоимениот експериментален филм , кој се фокусира на прашањето за женската еманципација во повоена Југославија, како и на критиката на патријархалната идеологија во историски и современ контекст. Како дојде до идејата за ова дело и неговото артикулирање во видео формат?
Пристигнав во предвоената белградска адвокатска вила од 1938 година, каде што е снимен материјалот за играниот филм по покана на Nova galerija vizuelnih umetnosti, чијшто галериски простор се наоѓаше таму. Ме потсети на вилата на кумот на Јосип Броз Тито и основач на „Одделот за заштита на народот“, Александар Ранковиќ, која е изградена во 1930 година, а пред војната била во сопственост на жена. Во 2012 година нов сопственик на вилата е Град Белград, кој не успеа да ја продаде ниту по ниска цена, бидејќи се верува дека таму живеат духови – тоа ме инспирираше фиктивно да ја префрлам Црвена во него, за време на владеењето на корона вирусот. Филмот е создаден со комбинирање на архивски снимки и документи од Антифашистичкиот фронт на жените на Југославија од 1947/49 година од една страна, и конструираното искуство на ДРУГарица ракиќ и нејзиното алтер его (Владимир Бјеличиќ) од друга, создавајќи слика со која е документаристички поедноставена, чијашто смисла се создава со поврзување на кадрите и воспоставување на нивните меѓусебни односи.
Филмот испреплетува два наратива, играни и документарни елементи (претставени во форма на архивски материјал). Во играниот дел го следиме главниот лик, другарката ракиќ – Црвена, чија приказна е раскажана преку нарација надвор од кадар, но и преку нејзиното алтер его. Што сѐ симболизира Црвена, жената која израсна во Народноослободителната борба и кое е нејзиното алтер-его?
Повоена жена ослободена од модните правила.

Фото: Бојан Мрѓеновиќ
Движечка сила во филмот се архивските сцени од периодот на реконструкција и изградба на ФНР Југославија. Која беше главната идеја-водилка за вас при истражувањето и испитувањето на архивскиот материјал и нивното обликување во уметничкото дело?
Архивскиот материјал од периодот на ФНР Југославија нуди навидум само естетско искуство или остатоци од идеи кои во процесот на архивирање, евидентирање и дуплирање на некој начин станале поважни од постигнатите резултати, како историска презентација на реалноста, или како сведоштво за опседнатоста на новото општество со големи цели, во обид да се создаде нешто повозвишено, повистинито и поконкретно. На тој начин социјализмот станува пародија на реализмот, чие отстапување од реалноста произведува нов систем на значења, кој може да ги користи самиот уметник, играјќи си со неговата празнина.
Во архивските сцени, гласот во позадина открива сегменти од документацијата на Антифашистичкиот фронт жените на Југославија, вклучувајќи го, на пример, фактот дека културното и образовното ниво на жените, заедно со нивното здравје и социјален статус, не држи чекор со општествената реалност. Што би издвоиле како највредно сознание од истражувањето на документацијата АФЖ?
Во повоениот период, Историскиот архив на Комунистичката партија на Југославија ги објавува комплетните изданија на списанието „Борба“, кое за време на војната се објавувал како легален весник. Меѓу текстовите со наслов „Нашите партизани крв леат – а вие?“, „Ранети партизани организираат културна вечер“, „Херои до херои“, „Од битка во битка до победа…“ имаше и „Жени кои се мобилизираат да работат на опремата на нашите партизани“ (1941), во кој се пишува: „На конференција и договор дојдоа голем број жени од сите општествени класи, па се постави темелот за единство на жените во ослободителната борба. Се договорија и старите и младите, но овојпат бројот на млади не го надмина бројот на нивните мајки“.
Присуството на жените во Народноослободителната борба на народот на Југославија ја предизвика првата радикална револуција на овие простори. Со своето учество во војната тие престануваат да бидат само анонимни соучеснички, придружнички, другарки, соработнички и современички на историските настани, а пред законски да добијат право на глас, изборно или авторско, во 1946 година влегуваат во просторот на јавното дејствување, преземајќи одговорност и задачи кои дотогаш не им биле достапни на жените. На Вториот конгрес на Антифашистичкиот фронт на жените во 1948 година, Мита Митровиќ била првата која го дефинирала новиот примерен модел на жена – прокламиран од Комунистичката партија: „Во ова масовно учество на жените, и во војна и во изградбата на слободна и независна земја, тие се открија и со тоа се открија најубавите одлики на Југословенката.“ Пронајдената архивска документација на Антифашистичкиот фронт на жените на Југославија од 1947/49 година раскажува за женската активност од тој период, со забележлива разлика во повоената еманципација на жените, кои се претставени како придружнички, жртви или сведоци на историски случувања.
Изложбата поставена во Black Box (МСУ, Загреб) го продолжува фиктивниот дискурс од филмот со што публиката има можност да види збирка уметнички дела, во сопственост на Црвена, создадени во периодот од 50-тите до 60-тите години на 20 век. Како може делата на автори како Еда Муртиќ, Иван Пицељ, Слава Антољак и многу други уметници да се доведат во врска со нејзините културни и идеолошки принципи?
Револуционерката Црвена се залага за третата етапа од револуцијата (1950–1965): „ако сакаме да поставиме некои „задачи“ за уметниците, тоа би можело да биде само една: да бидат уметници“; без оглед на говорот на Тито (1963) за актуелната состојба на југословенската уметничка практика.

Фото: Александрија Ајдуковиќ
Важен сегмент од вашето творештво е јазикот, што е применето и во оваа изложба каде се истакнати речениците (на пример, Ако јас не сум херој, тогаш што е херој / Воздухот мириса на лудило) поставени покрај делата на горенаведените уметници. На кој начин ги промислувате навидум едноставните реченици, кои ја одразуваат вашата поширока уметничка визија?
Преку субјективна исповед ДРУГарица ракиќ, создава митологија за себе, манифестирајќи ја преку неа социјалистичката идеологија како таква, но и себеси. Укажувајќи на тоа дека доколку јазикот е повладеан од идеологијата, таа исто така сака да биде повладеана од таквиот јазик; сака да размислува во рамките на тој јазик, со сите негови последици. Во исто време, таа развива сопствен критички модел кон социјалистичката идеологија, со цел да ја обликува сегашноста во која современиот капитализам сè повеќе наликува на предсоцијалистичкиот период од дваесеттиот век. „Го убивте минатото во име на апстрактната иднина, ја убивте проклетата иднина во името на славното минато, што сакате сега; – Треба да трошите сила на стравот, а јас сум мрзелива жена; – Моите нерви се историски оштетени; – Не припаѓам на мнозинството затоа што можат да ме натераат лажно да сведочам; – Хронично болна сум од злоупотреба; – Своите порази ги знам напамет; – Ми остави чудо во окото, една баба од планина; – Додека тој се колнеше во татковината, мене ми се спиеше; – Има толку малку херои ако ги исклучам оние што несреќно сама си ги измислив; – Револуцијата не е мртва, само е силувана…“
Испечатените пораки беа инспирирани од слоганите на социјалистичкиот период, чии дискурси беа ориентирани кон туѓи зборови, кон општи вистини кои припаѓаат на секого и никому особено. Секој ден ги бележам, ги преработувам, ги прецртувам, ги (само)измислувам и ги прилагодувам на мојата уметничка архива и приватно наследство. Ги испишувам секаде каде што ќе најдам погодно место – од архивски документи, преку графички листови, платно за сликање, до кафански сметки. Нудејќи ѝ на публиката две читања: едно непосредно, друго меѓу редови.
Самиот наслов на оваа изложба спомнува некои од вашите претходни дела (Zovem se crvena, 2008., Red Star, 2009). Како би го контекстуализирале ова дело во однос на претходните?
Тие беа произведени без бирократија и финансиски средства, слично на уметничките ракотворби, инсистирајќи на нивната несовршеност. Од филмска перспектива, тие припаѓаат на видео-уметност, како засебен жанр на филмските експериментирање, идеја и постапки. Затоа што видео-уметноста престанува да биде експериментален филм кога ќе се нагласи неговата концептуална димензија, со што станува суштински ликовна уметност, односно ја губи видео-автономијата на границата на уметничките дисциплини и теории.
Во своите биографии редовно го споменувате членството во Сојузот на комунистите на Југославија, којшто престана да постои во 1990 година. Што претставува за вас денес левичарската идеологија и каде ги гледате нејзините укажувања во современиот контекст?
Со исчезнувањето на апстрактната држава, левичарската идеологија исчезнува и до денес не се појавила во нова форма. Има само потсетување дека некогаш постоела, но ништо повеќе од тоа.

Фото: Александра Мартиновиќ
Кои автори (без разлика на уметничката област) би ги истакнале како најинспиративни за вашата уметничка дејност?
Душан Макавеев, кој тврдеше дека „Уметноста не може политички да се шутира“, обидувајќи се да докаже дека помеѓу социјализмот и културата стои знак на еднаквост, без разлика на околностите во кои културата и социјализмот се наоѓаат.
За крај, се враќаме на филмот, односно начинот на кој завршува. Реченицата „Се ближи денот кога Црвената заедно со жените повторно ќе тргнат во борба за своите права…“ влева доза оптимизам за времето кое што следи. По ваше мислење, за што сѐ се изборија жените во Југославија и на кој начин денес нивната борба продолжува, односно како (можеби) ќе продолжи?
Во денешното владеење на демоктратскиот патријархат, не само што немаме ниедна женска политичка организација која би ги застапувала нашите интереси и права, дури и вештачки го надминавме нашето револуционерно минато, а улогата на жената во сето тоа ја заборавивме, намаливме, а со тоа ја уништивме. Новата идеологија им дозволувала на жените да отстапат од утврдените граници и поделби, но бргу ги враќала во истите, само со променета форма и содржина на нивната слобода.
На жените им припаѓа светот на приватното, а на мажите на јавното дејствување, на што феминистките први ќе започнат да укажуваат со слоганот „Приватното е јавно“, искажувајќи дека капитализмот им го доделува приватното на жените, а социјализмот го наследува. Иако основните феминистички аспекти се западни, промоцијата на женските права не е производ исклучително од западот, затоа што ја вклучува борбата за еднаквост во сопственото општество.