Во петок, 13 ноември 2026 година, од 20:00 до 00:00 часот во клубот Минус Еден во Скопје, ќе се одржи „FRIDAY THE 13TH: WITCHES ON DECKS — Нова клупска магија“, вечер со настапи на пет учеснички од едукативната програма „Жени зад пултот“, во организација на Тиииит! Инк.
Зад пултот ќе застанат Hypnaswan, Patchwork★Girl, Breza, DJ DaBudem и Мариго, со сопствени музички селекции што опфаќаат techno, house techno, synth pop, hyperpop, deconstructed club и други жанрови.
Настанот е продолжение на „Жени зад пултот vol. 2“, програма за диџејство што во јуни годинава се одржа во Минус Еден. По работилниците и подготовките под менторство на Виолета Качакова — Вики, учесничките ќе ги претстават своите сетови пред публика. За дел од нив ова ќе биде прво претставување зад диџејскиот пулт, а за други продолжување на досегашното музичко искуство.
Во рамки на годинешната фестивалска тема „МАЈЧИНСТВУВАЊЕ“, програмата ја поврзува грижата со споделувањето знаење, охрабрувањето и создавањето простор за нови музички имиња. Вечерта е можност публиката да ги запознае и поддржи учесничките и нивните различни пристапи кон музиката и клупската култура.


Hypnaswan — Соња Димитријоска има долгогодишно музичко искуство со составите KLO, Mooger Fooger, Pikolomini, Then и Amplidyne Effect. Била радиоводителка на Канал 103, вокална менторка во Roma Rock School и бенд-менторка на работилници во Tilburg Rockacademie. По образование е психолог, со искуство во водење музички и едукативни работилници за млади.
Patchwork★Girl — Лила е позната како диџејка на квир журките на Сафик Рандеву, кои ги организира заедно со останатите од колективот. Нејзината љубов кон психологијата се прелева во желбата да ја прочита енергијата на подиумот и да ги избере точните песни во точното време. Нејзините селекции се движат од хитови од 2000-тите до industrial, deconstructed club, synth pop, baile funk, hyperpop и neoperreo.


Breza — Симона Ѓошева е креативка од Скопје која црпи инспирација од underground и алтернативната сцена. Клупската култура и подиумот се важен извор на енергија за неа, која на својот прв сет ќе ја пренесе преку techno и house techno звукот.
DJ DaBudem — Теа Темелковска е љубителка на различни музички жанрови, со посебна наклонетост кон клупската музика. Ќе се претстави со techno и house techno селекција, преку која сака да создаде посебна атмосфера и да ја сподели својата енергија и љубов кон музиката со публиката.


Мариго Антов ја започнува својата приказна на скопската музичка сцена на 15 години, со емисијата „Млада на Република Македонија“ на радио Канал 103. Слободата е централна во нејзиниот пристап кон музиката, а нејзините селекции се движат низ различни жанрови.
ППЖ14 е поддржан во рамките на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
Фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО 14 е финансиран од Шведска, Kvinna till Kvinna и Equality Fund.