📅 Датум: 18 февруари
⏰ Време: 17:00 – 19:00
📍 Локација: Младински центар „Матично“
💜 Сакаш да дознаеш повеќе за Тиииит! Инк. или да станеш дел од нашите активности?
Тиииит! Инк. те поканува на Отворен ден – средба наменета за сите кои сакаат одблиску да се запознаат со нашата работа, вредности и можности за вклучување во програмата за 2026-та година.
Како невладина и непрофитна организација која повеќе од десет години го чува отворен просторот за женска активност, соработка и критичка мисла во културата, уметноста и активизмот, работата на Тиииит! Инк. се фокусира на отворање нови можности за жените, девојките, младите, како и маргинализираните заедници, градејќи алтернативни простори за учење, културно изразување и заедничко делување. Преку Фестивалот за феминистичка акција и култура ПРВО ПА ЖЕНСКО, организираните работилници, јавни дискусии, кампањи и истражувачки проекти, сакаме да поттикнеме промени и да создадеме покритично и поправедно општество.
Доколку сакаш да бидеш дел од оваа приказна како волонтер/ка или соработник/чка, овој отворен ден е вистинската можност да дознаеш како можеш да го направиш тоа. Без разлика дали веќе имаш искуство во културниот сектор и/или граѓанскиот активизам или едноставно си љубопитен/на и сакаш да научиш повеќе, те покануваме да ни се придружиш за да споделиме идеи, да запознаеш истомисленици и заедно да ги откриеме можностите за соработка.
👉 Пријави се на овој линк: https://forms.gle/R96rNvhkJ8LY1veS9
Дојди да размислуваме, учиме и создаваме заедно — понежен, погрижлив и поправеден свет. 💜
* Повикот е отворен до 16 февруари.
**************
Отворениот ден на Тиииит! Инк. е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.