17.10 | 24.10 | 08.11 во (пред)пладневните часови
Пријавување на линкот: https://forms.gle/yow2XCu73519HTSX6
Повикот е отворен до 14 октомври.
Другар(к)и, слушаме дека дрег кралеви нѐ имало малку, па решивме да бараме појачување!
Во дрегот, женственоста е секогаш некако забавна за изведба – драматична е, ни дозволува да се накитиме, да претераме, да разбудиме восхит, да ја очараме публиката со нашиот ултра-сексапил. Но што е со кралевите и мажественоста? Ако „жена се станува“, мажот се чини е „од небо даден“ и како таков – досаден. А сепак, дали е така, дали кралот е навистина гол?
Идејата зад работилниците за дрег кралеви е да откриеме дека и мажественоста е отворено поле за себеоткривање и игра, без разлика на доминантниот родов израз. Во свет во кој машкоста е сѐ позатворена, фиксирана, оптимизирана и деструктивна, ајде со родокурцање да покажеме дека машкоста е и те како перформативна и продуктивна – може да засмејува и привлекува, да ја претвори моќта во самокритичност и да ги испреврти родовите очекувања.
На средбите со Лазарус и Падре Долоросо од DragKingsMK, со поддршка од Бучкуруж, ќе зборуваме за дрегот како изведбен и театрален жанр, за неговата историја во квир заедницата, за специфичноста на дрег кралевите и различните начини на кои можеме да си поигруваме со мажественоста.
Потоа ќе се фрлиме на практичниот дел: ќе работиме со тело, движење, изразување емоција, театралност и lip sync, ќе истражуваме различни начини на развој на лик и стил, вовед во шминка и работа со реквизити.
На третата средба ни доаѓа и регионална поддршка од мултидисциплинарната уметница Тања Матијашевиќ од Словенија, која е една од движечките сили зад Dragi Drago, првиот колектив на дрег кралеви во Словенија и меѓу ретките во регионот. Со Тања ќе продолжиме да работиме на ослободување на телото и гласот, да си поигруваме со стереотипите и нарацијата, да градиме доверба во групата и да ги следиме сопствените неочекувани импулси низ импровизација.
Доколку сакаат, учесниците ќе имаат и можност да настапат на ДНО забавата што ја организира дуото Бучкуруж на 28 ноември.
За учество не е потребно претходно искуство со дрег, театар или (импровизиран) сценски настап. Дојдете спремни за игра, раздвижување на телото и експериментирање, и – без да се сфаќате премногу сериозно – дозволете си да видите што ќе се случи кога ќе си дозволиме да откриеме неочекувани страни од себе.
Работилницата е отворена за сите лица заинтересирани за дрег перформанс, без разлика што фокусот е првенствено на дрег кралеви. Пријавувањето е едноставно, со пополнување на формуларот. Се препорачува присуство на сите три работилници.
Работилниците за дрег кралеви ги организираат Тиииит! Инк. и Коалиција МАРГИНИ, а во соработка со DragKingsMK и Бучкуруж.
Програмата на фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО е поддржана од Kvinna till Kvinna, Шведска и Equality Fund.