На 15 ноември во Public room, како дел од QUEER програмата на ПРВО ПА ЖЕНСКО #ППЖ13, го прикажуваме документарниот филм „Лезбија“ (2024, 78’) на грчката режисерка Цели Хаџидимитриу.
Од 1970-тите години наваму, лезбејки од целиот свет почнуваат да го посетуваат островот Лезбос, родното место на античката грчка поетеса Сафо. Откако ќе го пронајдат својот рај во едно локално село и ќе создадат сопствена лезбејска заедница, локалното население почнува да пројавува знаци на незадоволство. Како лезбејка родум од Лезбос, режисерката Цели Хаџидимитроу се наоѓа на пресекот меѓу овие две групи и низ својата перспектива ја документира ѝсторијата на повеќе од четири децении љубов, заедништво, судир и потрага по прифаќање. 🪷

Настанот е бесплатен!
—————–
По проекцијата Грација Атанасовска ќе разговара во живо со режисерката Цели Хаџидимитриу. 🦋

Цели Хаџидимитриу е наградувана режисерка, фотографка и писателка родена и израсната на островот Лезбос во Грција. Цели ги снима и фотографира животите на жителите на Лезбос од 1990. Во својата работа се повикува на сите свои искуства и способности, со цел да им даде простор и глас на обичните луѓе кои живеат едноставен живот, на страна од дневните насловни страници.
Нејзините скорашни кратки филмови ги третираат родовите прашања: „Внуките на Сафо“, каде што постарите жени од Ересос ги раскажуваат своите приказни; „Господин Димитрис и Димитрула“, запис за родово неконформирана личност од Сикамија, на Лезбос, која трагично го губи животот откако е неправедно задржана во ментална установа; и „Сафо пее“, радосна ода посветена на Сафо, која во филмот одново го посетува денешен Лезбос. „Лесвија“ е нејзиниот прв долгометражен документарен филм.

Грација Атанасовска дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на УКИМ, а магистрирала на Универзитетот во Потсдам, Германија, во областа на современата книжевност и култура. Oд 2024 работи во Коалиција Маргини и во моментот е проектна координаторка на неколку проекти во областа на родовата еднаквост. Паралелно на тоа, се занимава со истражувачка работа, и со пишување и преведување на фикционални и нефикционални текстови.
——————-
Tiiiit! Inc. | Kvinna till Kvinna | Embassy of Sweden | Equality Fund | Global Fund for Women