Живееме во неофеудална(1) реалност во која клучното прашање не е она за кое Мери Оливер велеше дека е единствено: Како да се сака овој свет?(2) Во светот на неколкумина кметови и милијарди слуги, а сите на раб на финален колапс на природата, единственото прашање сепак е:
Како да се ослободиме?
Тринаесетото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО на ова прашање се обидува да одговори од позиција на увереност дека слободата ни е можна само ако се ослободиме едни со други.
Програмата на ППЖ#13 заговара дека во ослободувањето од прангите на најмоќната машина за разорување, сите имаме улога, и дека нашата разнообразност е нашата клучна предност. Не постојат совршени сојузници туку само оние кои имаат волја да поддржат, да се придружат. Сите оние кои се подготвени нешто да загубат – бесмислената самодоволност за утехата на препознавање во другиот, комфорот на познатото за охрабрувачката верба во подобар свет, личните привилегии за колективното ослободување.
Во услови на, не сaмо нормализирано, ами и тенденциозно поттикнувано насилство, ксенофобија, мизогинија, хомофобија, само здружени можеме да го сочуваме просторот на независната, обединувачка и ослободувачка култура. Затоа програмата на ППЖ#13 во целост ја развивме заедно со другар(к)ите со кои стоиме непоколебани во оваа определба.
Филмската програма ја реализираме во соработка со Фестивалот KINO UNSEEN од Хрватска и локалната организација Факултет за работи што не се учат FR~U. Изведувачката програма се реализира во солидарност со Фестивалот за квир уметност и култура СКОПЈЕ ПРАЈД ВИКЕНД и фестивалот ПЕРФОРМАНС ПЛАТФОРМА на Локомотива, и во соработка со Лабораторијата за просторно изведувачки практики ГРАДОТ КАКО СЦЕНА на FR~U. Музичката програма ќе биде дел од 15тото издание на Фестивалот ЗДРАВО МЛАДИ на Младинскиот културен центар – Скопје, а возобновената квир програмата директно ја ангажира локалната квир заедница, со посебен фокус на лезбејските и трансфеминистички (FLINTA) колективи и здружувања.
ППЖ#13 е тука да потсети дека нашите борби не се само меѓусебно поврзани, ами зависат една од друга. Нема феминизам без транс жени, нема антифашизам без осуда на окупациите и геноцидот, нема класна борба без анти-расизам и деколонијализам… Нема ослободување додека не бидат слободни сите исклучени, замолчени, протерани, угнетени и потчинети.
Никој нема да дојде да нѐ спаси. Ќе се спасиме само едни со други.
Следуваат детални информации за програмата на ППЖ#13 Следете нѐ!
Дизајн на постер: Април Ана Попоска
(1) Jodi Dean, Capital’s Grave: Neofeudalism and the New Class Struggle, 2025
(2) “There is only one question:how to love this world.” ― Mary Oliver, House of Light, 1990