За изведувачката програма на ПРВО ПА ЖЕНСКО 13

Kpvx3tczfoqn47y0swbv

—Текст на Кристина Леловац—

Прегрнувајќи го концептот на колективно ослободување, не само тематски, ами и во кураторскиот пристап и во начинот на реализација, изведувачката програма на тринаесеттото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО се твори и остварува во рамките на здружената иницијатива со фестивалите СКОПЈЕ ПРАЈД ВИКЕНД на Коалиција Маргини и ПЕРФОРМАНС ПЛАТФОРМА на Локомотива, и во соработка со Лабораторијата за просторни и сценски истражувања на АКТО ФРУ. Зашто само здружени можеме да го сочуваме просторот на независната, обединувачка и ослободувачка култура, заедно со нашите другарКи, соборк/ци и долгогодишни соработничк/ци, го посветуваме јуни на современата и критичка перформанс-уметност во танцот, театарот и визуелната уметност, како гест на грижа, релациска, политички ангажирана уметничка практика и акт на демократизирана јавна имагинација.

Во солидарност со Фестивалот за квир култура и уметност СКОПЈЕ ПРАЈД ВИКЕНД, програмата ја отворивме на 5 јуни во 20:30 часот во МКЦ, со изведбата на перформансот „Колку добро се покажа денес“ (How Well Did You Perform Today) на визуелната уметница, поетеса и феминистка Алма Гачанин (БиХ). Делото произлегува од нејзиното долгогодишно истражување на прекаритетот и телесната исцрпеност кај уметничкиот и услужниот труд. Спојувајќи го преодот од девојка во жена со транзицијата во Босна и Херцеговина од социјализам во капитализам, авторката нуди увид во нејзината интимност, без притоа да ја романтизира, создавајќи приказна за прекаритетот преку физичката исцрпеност во дистописка сала за вежбање.

Фотографија на Наташа Гелева од перформансот „Колку добро се покажа денес“ на Алма Гачанин

Изведувачката програма во солидарност со СКОПЈЕ ПРАЈД ВИКЕНД продолжува со перформансот „Растворања“ (Dissolutions) на интердисциплинарната уметница Маја Зеќо (БиХ/Шкотска), кој на 14 јуни со почеток во 20 часот ќе биде изведен на отворањето на нејзината самостојна изложба во КСП Јадро под наслов „Незгодни иднини“ (Discomfited Futures) во кураторство на Џон Блеквуд. Перформансот во настанување (2022 – во тек) претставува слоевит одговор на лични и колективни искуства од воен конфликт, траума и загуба. Користејќи визуелно и звучно преоптоварување за да го истражи телото во состојба на неизвесност, авторката ја доведува публиката во директна средба со историјата на репресијата на жената на Балканот.

Во центарот на изведувачката програма на ППЖ13 е СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ II: БОРБА. Копродукцијата на еден од најрелевантните европски театри MLADINSKO со MASKA и MESTO ŽENSK (СЛО), која беше наградена со специјалната награда „Јован Ќирилов“ и со награда од публиката на Меѓународниот театарски фестивал БИТЕФ, ќе биде просторно-специфично изведена во Железничката зграда на ул. „Борка Талески“, бр. 26, во Скопје, на 17 јуни со почеток во 19:30 часот. БОРБА е петтиот и последен дел од серијалот претстави-предавања СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ II, кој преку биографиите на Вида Томшич, партизанка и значајна југословенска политичарка, и на нејзиниот сопруг Франк Новак, партизан и истакнат гинеколог, ја реконструира борбата за репродуктивни права во Југославија за да нѐ потсети дека во време кога општествата, настанати врз нејзините урнатини, се ретрадиционализираат, женските права не само што не може да се сметаат за засекогаш освоени, туку остануваат предмет на постојана борба.

Фотографија на Нада Жганк, од перформансот SEX EDUCATION II: FIGHT

Со поставувањето на БОРБА во центарот на изведувачката програма годинава нудиме комплексен одговор на предизвикот на тематската рамка на ППЖ13 – да претставиме современо изведувачко дело кое не само што за централен мотив ја има улогата на секој еден во колективното ослободување, ами е и создадено низ колективен творечки процес темелен на феминистичките начела на сестринство, здружување, размена и поддршка, како и на обврската за зачувување на маргинализираните, бришените или намерно незапишани женските истории. Грижливо расплетувајќи ги слоевите на феминистичка историја на нашиот сè уште заеднички (југословенски) културен простор, БОРБА ни овозможува, без да паднеме во замката на празната сентименталност, истите да ги видиме како можна иднина во која капитализмот – клучната причина поради која ги губиме придобивките од жртвите на нашите претходници, не е (единственото можно) општествено уредување.

Во рамките на соработката на ППЖ со Лабораторијата на АКТО ФРУ домашната публика ќе може да ја следи БОРБА низ различните простори на Железничката зграда. Додека јавниот простор за култура се приватизира, државните институции од областа на културата, амнестирани со неправедните национални културни политики, или ги држат затворени или само декларативно ги подотвораат своите врати за независната културна сцена. И тоа не зашто суштински ја разбираат важноста на уметничката практика која на неа се создава (дури ни за својот развој), ниту зашто ја препознаваат својата одговорност за нејзиното одржување (исто, дури ни за својот развој), ами за лесен маркетинг или да ги пополнат своите испразнети и/или неатрактивни репертоари.

Фотографија на Нада Жганк, од перформансот SEX EDUCATION II: FIGHT

Во вакви услови, благодарение на отвореноста на станарите и речиси 15-годишната грижлива соработка на АКТО ФРУ со нив, Железничката зграда – резиденцијален објект во срцето на градот и еден од најрепрезентативните примери на модернистичката архитектура во Скопје, и покрај системската запоставеност, заживува како простор и на современата и критичка изведувачка уметност.

Конечно, и со овогодишната изведувачка програма на ППЖ, со нашите сојузници од не
зависната културна сцена, и покрај ограничените ресурси, продолжуваме да го пополнуваме вакуумот што го оставаат државните културни институции и театарски фестивали за прикажување меѓународни продукции на современи изведувачки дела кои се уметнички релевантни, општествено актуелни и критички. Потсетувајќи нѐ со својата форма дека клучната улога на секоја, па и на изведувачката уметност е општествената, делата вклучени во нашите здружени програми навистина одговараат на единственото прашање – Како да се ослободиме? од позиција на увереност дека во светот на неколкумина кметови и милијарди слуги, а сите на раб на финален колапс на природата, слободата е можна само ако се ослободиме едни со други.

—————————-

СКОПЈЕ ПРАЈД ВИКЕНД, ПРВО ПА ЖЕНСКО и ПЕРФОРМАНС ПЛАТФОРМА ФЕСТИВАЛ на Локомотива го посветуваат јуни на современата и критичка перформанс уметност во танцот, театарот и визуелната уметност, како гест на грижа, релациска, политички ангажирана уметничка практика и акт на демократизирана јавна имагинација. Твориме простор за соработка, заедништво и размена, барајќи од институциите да го препознаат и континуирано да го поддржуваат.

tiiiitinc_logo_outline
EN

Ве ивестуваме дека на нашата страница користиме технологии како што се колачиња, за да го подобриме Вашето корисничко искуство. Кликнете подолу за да се согласите со користењето на оваа технологија на нашата страница. За понатамошни детали погледнете ја нашата политика за приватност

Дозволи колачиња

EN

Created with Fabric.js 5.2.4